• среда, 13 ноември 2024

Национален Парк Шар Планина со реакција на протестот на жители од Општина Јегуновце

Национален Парк Шар Планина со реакција на протестот на жители од Општина Јегуновце

Тетово, 16 октомври 2023 (МИА) – Јавната установа Национален парк Шар Планина испраќа реакција по саботниот протест во Тетовско. Од установата велат дека процесирале повеќе од 150 барања за одобренија за сеча во приватни шуми и спроведуваат мерки за санирање на оштетени шумски површини на три локации со чистење и пошумување.

- Најчест проблем со користењето на шумите во приватна сопственост е што луѓето си ги немаат решено имотно правните односи, а законите се јасни, без комплетна документација не се издава одобрение за сеча. Добар пример е господинот од село Пршовце кој поднел барање пред три месеци. При самото поднесување на документите тој е известен дека сечата не му е одобрена и ќе може да добие одобрение за сеча откако ќе ја комплетира поднесената документација со согласност на братот кој во моментот е надвор од земјата, а се јавува како сосопственик на имотот. Косењето на ливадите, користењето дрво за огрев, собирањето костен, пасењето, и сите други активности за кои овие луѓе протестираат се права кои по ништо не се разликуваат од правата на оние жители на 25 постојано населени места кои се наоѓаат во самиот Национален Парк, се вели во реакцијата од ЈУНП Шар Планина.

Укажуваат дека како и во другите Национални паркови во државата и во околните земји, во НП Шар Планина се наоѓаат и приватни и државни имоти.

- Правото на сопственост е уставно загарантирано и прогласувањето на подрачјето за заштитено е всушност во корист на жителите затоа што покрај шумската, редовната и граничната полиција сега на терен ги имаат и чуварите на природата. За да се заштитат имотите и ресурсите (шумите, костените, возење низ шумите и ливадите, палење оган, итн.) од кражби и други илегални активности, воведен е режим на движење и секој посетител може без никакви ограничувања да го посети паркот. Единствено што треба е да ја пријави својата посета на овој линк https://www.sarmountain.org.mk/evidenten-list-posetiteli, а со самото регистрирање ренџерската служба добива веднаш известување, што значи не е потребно да се добива никаква писмена дозвола и не се наплатува за посетата во паркот. За луѓето кои живеат или имаат имоти во паркот се разбира нема никакви ограничувања и токму поради нивните секојдневни активности кога беше воведена забрана за движење од пожари насекаде во државата, ЈУНП Шар Планина не воведе забрана но ги зголеми теренските патролирања, известија од паркот.

Во однос на селските сечи, со жителите на овие населени места имале неколку состаноци.

- Поднесоа писмено барање и веднаш им беше испратен писмен одговор. Сеча во државна шума или како народски се нарекува, селска сеча, ќе биде дозволена откако ќе бидат подготвени плановите за управување со шумите. Со подготовката на овие планови ќе се направи практично комплетен преглед на шумските ресурси и ќе се воспостави дијагноза какви мерки треба да се преземат за да се подобри нивниот квалитет, потенцираат од установата.

Шар Планина опфаќа 62 705 хектари површина на заштитен национален парк. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан