• среда, 25 декември 2024

Национален едношалтерски систем за забрзување и олеснување на транспортот и трговијата

Национален едношалтерски систем за забрзување и олеснување на транспортот и трговијата

Скопје, 7 февруари 2024 (МИА) - Националниот едношалтерски систем, за чија имплементација се обезбедени околу четири милиони долари од Светска банка преку Проектот за забрзување на транспортот и трговијата на Западен Балкан, треба да овозможи олеснување на трговијата, забрзување на транспортот и забрзана интеграција во ЕУ.

Тендерот за имплементација на системот, според најавите, ќе биде објавен во првото тримесечје од годинава, а освен Царинската управа која е координатор, во целиот процес ќе бидат вклучени вкупно 16 државни институции. Новиот систем треба да овозможи целосна дигитализација на издавањето дозволи, лиценци и нивно плаќање, колективно користење на податоците од страна на институциите и можност за комуникација со институциите на другите земји.

- Истиот треба да ги намали трошоците и времето на чекање потребно за завршување на извозните и увозните постапки. Ова ќе овозможи олеснување на трговијата, забрзување на транспортот, забрзана интеграција во ЕУ, а со тоа и зголемување на конкурентноста на македонските компании и подобрување на условите за водење бизнис. Преку интерпретација на системот ќе се овозможи унапредување на анализата на ризик за сите институции кои се вклучени во издавањето дозволи во прекуграничната трговија со што ќе се намали бројот на контроли, а истовреме ќе се зголеми квалитетот на услугите, изјави директорот на Царинската управа Стефан Богоев. 

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, бизнис секторот многу наскоро ќе ги почувствува придобивките од овој систем. 

- Фактот што ние во регионот имаме премногу граници кои претставуваат вистински тесни грла кои реално се објективни пречки за водење бизнис со кои нашите компании се соочуваат, е првата и основна причина зошто кога почнавме да го спроведуваме овој проект, мислевме на тоа да се олесни транзитот на капитал и работна сила на една страна и стоки и услуги на друга страна, нагласи Битиќи.

Ги повика сите одговорни лица во овој проект, иако се влегува во период на предизборие, максимално да се посветат и да работат на креирањето на новиот закон за едношалтерски систем со цел проектот да резултира со законско решение кое ќе биде целосно апликативно во пракса.

- Намерно споменав предизборие затоа што кога бев дел од бизнис заедницата знам дека секогаш кога влегувавме во предизборие ни кажуваа сега е време за пауза. Бизнисот нема време за пауза, тој не може да чека три, шест, девет месеци додека политичарите се договорат како ќе ја водат земјата, потенцира Битиќи.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, се работи на имплементација на интелигентен транспортен систем на јужниот дел од Коридорот 10, кој заедно со рехабилитацијата на патиштата ќе овозможи забрзана трговија и транспорт.  

- Истовремено како дел од Проектот на Светска банка се работи на имплементација на интелигентен транспортен систем. Ова, но и рехабилитацијата на сите патишта, ќе овозможи забрзана трговија и транспорт, рече Бочварски.

Освен воведувањето на едношалтерскиот систем, преку проектот на Светска банка се финансира и модернизацијата на граничните премини.

- Во тек е поставување на систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на сите гранични премини во земјава, со што ќе се зголеми автоматската контрола врз патничките и товарните возила што ги преминуваат границите, посочи Татјана Марковска од Светска банка. бак/ац/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан