• сабота, 23 ноември 2024

Научните установи и институти по една деценија добија поддршка од државата

Научните установи и институти по една деценија добија поддршка од државата
Скопје, 18 ноември 2021 (МИА) - Заборавени цела деценија, седумте научните установи и институти кои добија средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, го поддржуваат отворањето на новата програма на Министерството за образование и наука, соопштија од МОН. Хидробиолошкиот завод–Охрид, Институтот за македонска литература–Скопје, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Институтот за национална историја-Скопје, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за старословенска култура–Прилеп, односно сите јавни научни установи и институти во државата учествуваа на јавниот Конкурс и за тригодишно финансирање на по еден проект добија вкупно 19 милиони денари. Раководителите на проектите на кои министерката за образование и наука Мила Царовска денеска им ги врачи договорите, ја поздравија иницијативата за финансирање на истражувачката дејност од државата. - После десетгодишно отсуство на финансирање на проекти, имаме можност да работиме на електронско издание на македонска книжевна енциклопедија која ќе вклучува период на 12-вековен развој, од 9 до 21 векм, рече Наташа Аврамовска, научен советник во Институтот за македонска литература. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје низ тригодишно истражување ќе работи на Лексиката во народната проза. - Знаете дека Институтот претставува своевидна лексикографска школа, можеби и го покрива недостатокот од лексикографски завод во државата. На овој начин ќе излезе уште еден речник од Институтот, понатаму тоа ќе биде Речникот на народната проза, рече Елена Јованова-Грујовска раководителка на проектот. На проект за заштита на животната средина ќе работи Хидробиолошкиот институт од Охрид, а директорката Орхидеја Тасевска смета дека националните проекти ќе им овозможат непречено одвивање на теренските активности како и обука и унапредување на многу млади истражувачи. За Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, значајно е што конечно се слушнати сите јавни научни установи за тоа што им треба и во која насока треба да се развива научно-истражувачката дејност. Преку вакви проекти, нагласи Лафазановски, македонскиот фолклор ќе стане повидлив и на тој начин не само научната туку и заинтересираната јавност за македонскиот фолклор ќе има увид во тоа што го работи овој институт. Институтот за старословенска култура од Прилеп, со проектот за средновековните населби во Пелагонија, Мариово и Порече, преку истражувања втемелени на археологија и историја на уметност, ќе овозможи добивање суштествени сознанија за културно – цивилизациските процеси од 6-7 век до средината на 17-от век во централните делови од Балканскиот полуостров. Проектот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - Скопје, е комплексно научно истражување чија цел е да ги проучи последните два века на Албанците во Македонија. Институтот за национална историја од Скопје, преку проектот „Историјата и историографијата во јавните политики и во политиките на сеќавање“, има за цел осознавање на влијанието на доминантните етнонационални историски наративи во општеството, како врз јавните политики на сеќавање, така и врз јавното мислење во земјата. оџ/сп/

Остани поврзан