• среда, 13 ноември 2024

Научник се одлучи на 100 дена живот под море

Научник се одлучи на 100 дена живот под море

Лос Анџелес, 20 март 2023 (МИА) - Професорот Џо Дитури од Универзитетот на јужна Флорида решил да мине 100 дена под море за да увиди каков ефект ќе има тоа врз неговото тело.

„Ќе зборуваме за биомедицински инженеринг, ќе правиме експерименти во биологијата и биомедицинскиот инженеринг и ќе се забавуваме многу!“, изјави професорот кој редовно објавува видеа на својот Инстаграм-профил. - „Човечкото тело никогаш не било толку долго под вода, па затоа ќе бидам внимателно следен. Овој труд ќе го испита секој начин на којшто ова патување влијае на моето тело, но мојата нулта хипотеза е дека ќе има подобрување во моето здравје поради зголемениот притисок“, додава тој.

Научникот, сега познат по прекарот „д-р Длабоко Море“, објасни дека целта на мисијата е „морето да му биде живеалиште до лето“. Овој експеримент наречен „Нептун 100“ почна на 1 март. Професорот 100 дена ќе живее во изолација на длабочина од 10 метри, а неговиот живот под морето ќе го следат психолог и психијатар.

Инаку, проф. Дитури има докторат по Биомедицинско инженерство, а експериментот го спроведува со цел да изнајде нови начини за заживување на морската средина и во исто време да ја тестира медицинската технологија што би можела да спречи разни болести, се вели во официјалното соопштение на Универзитетот.

Мисијата треба да заврши на 9 јуни.

Тој се надева дека ќе го собори светскиот рекорд за најдолг живот под вода при атмосферски притисок што е 1,6 пати поголем од на копното. Актуелниот светски рекорд е 73 дена, кој во 2014 година го постигнаа двајца американски професори од Тенеси. си/паг/

Фото: Инстаграм

Остани поврзан