• сабота, 23 ноември 2024

Научен собир на УКЛО во Битола „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“

Научен собир на УКЛО во Битола „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“

Битола, 17 ноември 2023 (МИА) - Културата заедно со науката и образованието ја имаат силата преку мултидисциплинарен пристап да дадат драгоцен придонес за справување со глобалните предизвици, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска на меѓународен научен собир чиј домаќин и организатор е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

Во своето обраќање пред академскиот аудиториум, Костадиновска - Стојчевска нагласи дека културата го облагородува секое општество, ги поврзува и спријателува народите, има активистичка улога по сите прашања што го засегаат светот, и затоа има значајна улога во спроведување на целите на Обединетите нации до 2030 година.

- Научните достигнувања, творештвото во културата, културните добра и едукацијата се области кои го обединуваат човештвото. Тоа се области кои не познаваат граници, а се моќна алатка за справување со предизвиците во денешнината како сиромаштијата, климатските промени, војните и поделбите. Културата го облагородува секое општество, ги поврзува и спријателува народите, има активистичка улога по сите прашања што го засегаат светот, и затоа има значајна улога во спроведување на целите на Обединетите нации до 2030 година, истакна Костадиновска-Стојчевска.

- Научниот собир на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“ е со меѓународен предзнак, а трудовите ќе се објават во универзитетското списание „Хоризонти“, посочи проректорот за наука Горан Илиќ.

 -Со учество на профили од различен тип на научници, конференцијата на УКЛО треба да обезбеди дискусија и да се извлечат резултати и заклучоци кои ќе имаат за цел утврдување на начините за исполнување на целите на Обединетите нации. На конференцијата учествуваат 20 научници, меѓу нив и светски реномираните професори Ентони Голд од Универзитетот Лавал од Канада и Метју Хал од Универзитетот во Вирџинја, САД, истакна Илиќ.

Меѓународниот научен собир е во рамки на активностите со кои се одбележува Светскиот ден на науката. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан