• недела, 17 ноември 2024

Научен собир и изложба по повод Неделата на италијанскиот јазик во светот

Научен собир и изложба по повод Неделата на италијанскиот јазик во светот

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - „Италијанскиот јазик и одржливоста“ е темата на Неделата на италијанскиот јазик во светот, чија инаугурација денеска ќе биде одбележана со научен собир „Како го читаме Калвино денес: наследство, рецепција, преводи“.

Научниот собир ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а ќе присуствуваат Рино Капуто, почесен професор на Универзитетот „Тор Вергата“ од Рим и автор на есеи и книги за италијанската литература, писателите Влада Урошевиќ и Гоце Смилевски, кураторот на семинарот и раководител на Катедрата за италијански јазик и книжевност, проф. Анастасија Ѓурчинова, како и многу други професори и проучувачи на делата на Калвино во земјава.

Отворена ќе биде и изложбата „Калвино овде и на други места“, која ќе понуди визуелно патување низ изданијата на книгите на Итало Калвино, објавени на многу јазици на светот, вклучително и на македонскиот јазик. Калвино, еден од најзначајните италијански писатели, ќе биде исто така во фокусот на Неделата на италијанскиот јазик, токму на стогодишнината од неговото раѓање. 

Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со институциите кои ја промовираат италијанската култура во Северна Македонија, подготви бројни иницијативи наменети за најшироката публика на вљубеници во италијанскиот јазик и книжевност, на екотуризмот, театарските претстави, кинематографијата и поезијата инспирирана од природата и од географските места.

Посебен настан на годинашната манифестација ќе биде посветен и на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Северна Македонија. Станува збор за официјалната презентација на комеморативната поштенска марка, реализирана во соработка со АД Пошта на Северна Македонија, што ќе се одржи во среда, 18 октомври, во седиштето на Сојузот на филателистите на Македонија во Скопје. Графичкиот дизајн за поштенската марка беше избран на конкурс, организиран во април од страна на Амбасадата на Италија и Институтот Данте Алигиери од Скопје. На настанот, филателистите од земјава ќе имаат можност да го слушнат сведоштвото на амбасадорот Виктор Габер, пионер во дипломатските односи меѓу двете земји, како и филателист, и да ја добијат како подарок поштенската марка која го одбележува овој јубилеј.

Истиот ден, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе биде домаќин на експертското предавање на проф. Рино Капуто на тема „Одржливоста во делата на Итало Калвино“.

Како и секоја година, Здружението на професори по италијански јазик ќе организира низа онлајн активности, вклучувајќи и изложба на постери инспирирани од темата на одржливоста и делата на Итало Калвино, како и видео записи за еколошки акции создадени од учениците по италијански јазик. Во програмата ќе се вклучат и основните и средни училишта од Струмица „Јане Сандански“, „Сандо Мазев“, „Даме Груев“ и „Герас Цунев“ со едукативни игри за збогатување на вокабуларот поврзан со одржливоста.

На 24 октомври, љубителите на природата, планините и екотуризмот ќе можат да уживаат во презентацијата на првиот опширен водич за планинскиот и културен туризам во Северна Македонија на италијански јазик, напишан од Алесио Ликуори (Прв секретар во Амбасадата на Италија во Скопје од 2017 до 2021 година). По нејзината неодамнешна објава во Италија, книгата „Северна Македонија: природа, екскурзии и култура“ ќе биде презентирана за прв пат во земјава во Европската куќа (Europe House) во Скопје со почеток во 17 часот. Следниот ден штипската јавност ќе биде поканета да го запознае авторот на водичот на средба која ќе се одржи на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во 11.00 часот.

Понеделник, 30 октомври и вторник, 31 октомври се термините резервирани за две поетски вечери кои ќе се одржат во Куманово и во Скопје. Во понеделник, во градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово ќе се одржи настанот „Македонски погледи и видливи градови“, кој го истражува односот меѓу местата и поезијата преку страниците на стихозбирката „Македонски погледи“ на авторите Марио Де Роза и Ернесто Ередеро дел Кампо, објавена на четири јазици: италијански, македонски, англиски и шпански. Следниот ден, 31 октомври, во 19.00 часот во инспиративната атмосфера на Даут пашин амам во Скопје ќе бидеме сведоци на поетското патување меѓу Италија и Швајцарија опишано во делата на италијанско-швајцарската поетеса Лучила Трапацо. Вечерта е организирана во соработка со Швајцарската амбасада во Скопје.

Палетата настани ќе ја заокружи претставата „ГАЈА“ на експерименталната театарска група од Форли која ја обработува темата на зачувувањето на животната средина. Претставата е организирана во соработка со Италијанскиот институт за култура од Белград и театарскиот фестивал МОТ и е закажана на 11-ти ноември во 20.00 часот во МКЦ.

Покрај тоа, во рамки на Неделата на италијанскиот јазик во светот, чија тема е одржливоста, Амбасадата ќе го поддржи и „Ехо планински филмски фестивал“ кој ќе се одржи во Скопје од 23 до 27 октомври. 

Италијанската Амбасада ги поканува сите заинтересирани да учествуваат на настаните на Неделата на италијанскиот јазик, на кои влезот ќе биде слободен. Повеќе информации за поединечните иницијативи може да се прочитаат во деталната програма објавена на официјалната веб-страница и на Фејсбук страницата на Амбасадата на Италија во Скопје. мч/вг/

Остани поврзан