• четврток, 26 декември 2024

Наунова Тимовска: Се зголемува бројот на предвреме родени деца, но и бројот на преживеаните

Наунова Тимовска: Се зголемува бројот на предвреме родени деца, но и бројот на преживеаните

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - На Клиниката за гинекологија кај нас првото најмладо преживеано недоносено бебе е родено за време на 23-та гестациска недела. Во светот во 2021 година веќе е родено и живее без последици бебето родено во 19-та гестациска недела. За жал се зголемува бројот на предвреме родени деца, но се зголемува и бројот на преживеаните, изјави проф. д-р Силвана Наунова Тимовска. претседателка на Здружението на Неонатолози.

Д-р Наунова Тимовска пред почетокот на денешниот стручен собир кој го организираше Здружението на Неонатолози и Алкалоид во Скопје, по повод Светскиот ден на предвремено родените деца - 17 ноември, информираше дека според Светската здравствена организација, лимотот за живо родено бебе е во 21. гестациска недела.

-Но, светот веќе предничи. Во 2021 година веќе е родено и живее без последици бебето родено во 19 гестациска недела, што значи дека Светската здравствена организација мора да земе некоја средна вредност, да ги симне критериумите за тоа што е живо роденче. Ние како држава не може да се пофалиме со 23 гестациска недела, изјави д-р Наунова Тимовска.

Прашана на што се должи зголемениот број на предвремено родени деца, таа посочи дека причините се многубројни. Од една страна е поместување на старосната граница на раѓање, но влијание има и самиот начин на живот.

-Секаде во светот постои тренд на зголемување на бројот на предвремено родени бебиња. За ова постојат повеќе причини. Од една страна е поместувањето на самата старосна граница на раѓање. Повеќе жени се одлучуваат да станат мајки после 36 година, но причина може да биде и раната бременост, односно на бремени девојки кои не наполниле 18 години. Исто така, влијание има и самиот стил на живот - стресот, но и вештачкото оплодување, информираше д-р Наунова Тимовска.

Но, појасни, денес медицината се движи напред, постојат повеќе начини кои помагаат во преживување на овие деца.

- Не е важно само да се преживее. Важно е и каков квалитет ќе имаат овие деца. Сакаме да има преживување без или со минимални последици и затоа големо значење посветуваме и на рана интервенција на екстремно прематурни деца додека се во одделите за интензивна нега и терапија, каде ќе може да се стимулира нивниот развој и да немаат поматамошни последици. Исто така, развојното следење на децата ќе овозможи навремено воочување на сите долгорочни ризици кои што постојат и можеме да ги третираме со време, за да имаме здрави даци, рече д-р Наунова Тимовска.

Прим. д-р Марина Поп Лазарова пред стручниот собир денеска изјави дека сензибилноста на предвреме родените деца, односно деца родени пред полна 37-ма гестациска недела, е многу голема. Таа додаде дека сите овие деца ги згрижуваме во одделенијата за специјална нега, бидејќи имаат таква потреба после породувањето од повеќе аспекти.

Како што информираше, годинашното мото на Светската недела на предвреме родени деца е „Кожа на кожа“.

-Кожата на новородено бебе во центар, како една од најголемите органи на организмот, особено е значајно во периодот на овој неонатален развој и раст на децата од првиот ден од животот. Кожата на новороденото дете има повеќе функции, почнувајќи од една заштитна функција, а тоа е одржување на соодветен баланс на течности на електролити, на една температурна стабилност. Овие деца се многу сензитивни во однос на температурните промени, и затоа ги третираме на термо неутрална зона. Во тој контекст, имаме одлична соработка со „Бекутан“, додаде д-р Поп Лазарова.

Таа информираше дека изминатиот период правеле шест месечна мултицентрична клиничка студија, во која биле опфатени 300 новородени деца, од нив 85 проценти биле доносени, а 15 проценти недоносени деца.

-Со користење на препаратите од „Бекутан сензитив“ колекцијата, со нивното масло, млеко за кожа, крема наменета за чувствителна кожа, во оваа студија се покажа дека навистина имаме во „Бекутан сензитив“ соработник за чување, нега и заштита на новороденечката кожа, вклучително и на пречуствителната кожа кај недоносените деца. Студијата покажа одлични резултати, рече д-р Поп Лазарова. бт/ев/

Фото:МИА

Остани поврзан