• четврток, 26 декември 2024

Наумоски и Мојсовски извршија увид во градежните работи на базенот во Ѓорче Петров

Наумоски и Мојсовски извршија увид во градежните работи на базенот во Ѓорче Петров
Скопје, 31 март 2021 (МИА) - Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски денеска извршија увид во градежните работи на првиот затворен базен во историјата на Општината, кој се гради во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“. Од Општина Ѓорче Патров информираат дека ова е еден од шесте затворени базени кои ги гради Агенцијата во соработка со локалните самоуправи. Целиот проект опфаќа вкупно 14, а во наредниот месец се очекува АМС да распише тендер за нови четири базени. Наменет е за учениците, но по часовите ќе може да го користат и рекреативци. Наумоски потенцира дека вложувањето во спортската инфраструктура, претставува вложување во раниот детски развој, градење здрави индивидуи и спортисти кои понатаму ќе ја градат својата кариера во нашата општина. - Сега со гордост може да кажеме дека силно ќе го развиваме и пливачкиот спорт, преку формирање пливачки клубови во следниот период, изјави Наумоски по увидот. Како што нагласи Мојсовски, пандемијата привремено го забавила темпото на работа. - Сега почнуваме повторно интензивно. До крајот на октомври или почетокот на ноември базенот ќе биде завршен. Со овие димензии на базенот се надевам дека ќе формираме и пливачки клуб во општина Ѓорче Петров. Ќе биде подобро што повеќе деца од училиштата да го користат, додаде директорот на АМС. Овој спортски објект е со димензии 20,40 на 30,35 метри со длабочина од 0,9 до 1,4 метри. Во склоп на базенот ќе има соблекувални и централен систем на загревање. Се гради по сите стандарди и истиот ќе биде енергетски ефикасен и рентабилен, велат од општина Ѓорче Петров. Предвидениот рок за затворање на проектот е 18 месеци. Базенот е со вредност од 38 милиони денари. ир/сп/

Остани поврзан