• среда, 27 ноември 2024

Натпревар во раскажување прочитани книги за основци

Натпревар во раскажување прочитани книги за основци

Скопје, 29 мај 2023 (МИА) - Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ организира натпревар во раскажување прочитани книги на кој може да учествуваат ученици од сите основни училишта во земјава.

- Во дигиталната ера, каде технологијата доминира во нашите животи, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ги препознава штетните ефекти врз помладата генерација од прекумерното време поминато покрај мобилен телефон. Бројни научни студии покажаа дека изобилството на информации достапни преку интернет, компјутери, мобилни телефони и платформи за социјални медиуми, негативно влијае на концентрацијата, фокусот и социјалната интеракција. Ова резултира со пад на читањето книги, особено во печатен формат и предизвика загриженост за вештините на учениците за читање со разбирање, се наведува во соопштението на Фондацијата.

За да се справи со овој проблем, Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, со одобрување од Министерството за наука и образование, ќе реализира натпревар во раскажување прочитани книги на кој ќе можат да учествуваат ученици од сите основни училишта во земјава.

- Проектот има за цел да ја подобри јазичната писменост, да го подобри читањето со разбирање, да развие вештини за вербално изразување и стекнување навика за читање кај учениците. Учесниците на натпреварот ќе читаат книги по свој избор и потоа ќе ги раскажуваат пред публика составена од 3-4 деца на иста возраст, при што родителите ќе ги снимаат изведбите на мобилни уреди и ќе ги објавуваат на веб-страницата на натпреварот (www.fgm.org.mk). Натпреварувачите ќе добиваат поен за секоја прочитана книга, а на крајот од годишниот циклус, оние со најголем број прочитани книги ќе се натпреваруваат на настан во живо, се додава во соопштението.

Како што е предвидено, жири комисија составена од претставници од партнерите на проектот, ќе ги оценува перформансите на финалистите врз основа на однапред одредени критериуми за да ги одредат победниците. Фондацијата во соработка со спонзорските организации ќе обезбеди вредни награди за победниците. Првопласираните, второпласираните и третопласираните ќе добијат награди во вредност од 40.000 денари, заедно со вредносни ваучери од различни спонзори.

- Учествувајќи на натпреварот, натпреварувачите добиваат можност да се запишат на Академијата за идни лидери „Ѓорѓи Марјановиќ“, која инаку е целосно бесплатна. Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ќе соработува со ценети организации како Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Комората на психолози, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература и Здружението на издавачи. Детални информации за  натпреварот во раскажување достапни се на веб-страницата на Фондацијата: www.fgm.org.mk, се посочува во соопштението. бд/сп/

Фото: Фондација Ѓорѓи Марјановиќ

Остани поврзан