• четврток, 26 декември 2024

„НаТочак“: Планот спроти „Холидеј Ин“ е небезбеден, недемократски и автоцентричен

„НаТочак“: Планот спроти „Холидеј Ин“ е небезбеден, недемократски и автоцентричен

Скопје, 20 јули 2021 (МИА) - Планот спроти „Холидеј Ин“ мора да се стопира и да се преработи. Во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен“ град, „велосипедски“ град, „град за луѓе“, „отпорно Скопје“, „Скопје со квалитетен јавен простор“ баш на најцентралната и најрепрезентативна локација, каде можеше навистина да добијат свој идеален приказ тие заложби, сметаат од иницијативата „НаТочак“.

Од иницијативата посочуваат дека има голем проблем во самиот концепт на планот, односно поставувањето на регулациските линии кои го разграничуваат јавниот од приватниот простор.

-Додека во моментов во Новo Маало - колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин“ има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот, и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира, ќе има само една јавна слепа улица како крак од улицата „Мирче Ацев“, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје, се наведува во нивното соопштение.

Според иницијативата, иако со ДУП-от е создаден голем плоштад со површина од околу 8000 метри квадратни, и тоа делумно врз приватни парцели, тој не е воопшто поврзан со околината.

-Додека плоштад „Македонија“ има 10 активни јавни печашчки пристапи и еден блокиран, овој нов плоштад е испланиран само со еден јавен пристап, кој е истовремено и за пешаци и за автомобили кои се доведуваат околу самиот плоштад. Зошто се пропушта шансата кога веќе се планира голем плоштад, да се добие нов белег на Скопје со добро урбанистичко решение? Туку се форсира едно целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение, соопштија од „НаТочак“.

Од иницијативата „НаТочак“ потенцираат дека градоначалниците би било логично да се заложат за повеќе јавни пристапи и кон овој плоштад доколку навистина се грижат за движењето, безбедноста, одржливоста, и да го стопираат овој план. За таа цел, од иницијативата потенцираат дека им испратиле допис пред 11 дена и на градоначалниците и на министерот Благој Бочварски, на која се уште очекуваат одговор.

-Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното, граѓанско, неконтролирано, некомерцијално пешачко движење (24/7) во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот што е недозволиво за центар на град. Стручните препораки за пешачки движења велат дека препорачано растојание за пешачка мрежа е максимум 120 метри, со стремење кон 60 метри и помалку. Во спротивно, се демотивира пешачењето и се поттикнува поголемо користење автомобил, се наведува во дописот на иницијативата.бт/лв/

Остани поврзан