• среда, 25 декември 2024

Настап на харфистката Весна Станојевска-Микиќ во Крива Паланка

Настап на харфистката Весна Станојевска-Микиќ во Крива Паланка

Крива Паланка, 16 јули 2024 (МИА) - Инструментот харфа и неповторливата македонска харфистка, Весна Станојевска-Микиќ, синоќа за првпат беа претставени пред публиката во Крива Паланка на настанот „Читаме и сликаме музика" во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Овој извонреден мултимедијален концепт на летната сцена во градот донесе позната француска филмска музика, изведена на харфа, надополнета со безвременските стихови од македонски современи поети во интерпретација на актерот Александар Микиќ, обоени со монохромијата на платно од уметницата Валентина Илијевска.

-Организаторот ме информираше дека инструментот харфа за првпат се претставува пред публиката во Крива Паланка, така што јас сум задоволна од публиката која навистина беше внимателна. Репертоарот за настапот е внимателно одбран, содржи француска филмска музика, како од филмот „Амелија Пулен", музика од Пија Славија, позната композиторка за харфа, воглавно репертоар филмски теми што одлично се надополнија со поезијата што ја читаше Александар. Првпат сум дел од еден ваков мултимедијален концепт,симбиоза на музика,ликовна уметност и литература, прекрасно поминавме и драго ми е што бев дел од истиот и од програмата „Град на културата", рече Станојевска-Микиќ.

Актерот Александар Микиќ интерпретираше поезија од големиот Петре М.Андреевски, од Ана Бунтеска и други современи македонски поети.

-Прво да кажам дека огромна чест и задоволство ми е што сум во Крива Паланка и што направивме еден ваков проект, бидејќи и поезијата, и музиката, посебно харфата е помалку застапена во помалите места. Се надевам дека во иднина ќе има и повеќе вакви настани. Инаку, секогаш сум среќен кога доаѓам во Крива Паланка, веќе неколку пати сум бил тука, сум играл претстави и се надевам дека нема нашата соработка нема да заврши тука, туку, напротив ќе се дружиме и со претстави и со монодрами, рече Микиќ.

Уметницата Валентина Илијевска истакна дека кривопаланечката публика е запознаена со нејзиното творештво, во повеќе наврати изложува дела и имала свои изложби во културните институции во градот.

- Паланчани го знаат моето творештво, редовно соработувам со Градскиот музеј и Центарот за култура, работам реставрација во градската црква, учествувам повеќе години на Меѓународната ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски", но во оваа пригода имав навистина една посебна и несекојдневна прилика да творам во живо, дури настанот трае и за 50- Тина минути создадов едно дело, израз на прекрасната енергија на настанот. Со една монохромија на бои, комбинација на графика и цртеж,сликани на платно го оставив оној креативен вознес инспириран од „Читаме и сликаме музика" со мојот препознатлив стил на графичар, што е мој примарен стил по вокација, рече Илијевска.

„Читаме и сликаме музика" е уметнички, актерско-поетски перформанс од програмата „Крива Паланка -Град на културата" и „Кривопаланечко културно лето 2024".

На програмата вечерва е изложбата на дела од членовите на отвореното ликовно студио при НУ Центар за култура Крива Паланка, закажана за 20 часот, во галерискиот простор на установата. ид/

Фото:МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан