• четврток, 12 февруари 2026

Наставници се обучуваат за правата на децата, обука во општина Центар - дел од глобален проект

Наставници се обучуваат за правата на децата, обука во општина Центар - дел од глобален проект

Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на обуката за наставници во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, што се реализира во рамките на проект на Република Словенија - „Нашите права“, насочен кон унапредување на образованието за човекови права и правата на детето. Проектот има цел преку обука на наставниците да ги зајакне подучувањето и учењето за човековите права и правата на детето, да поттикне почитување и разбирање уште од најрана возраст и да придонесе кон мир и безбедност во заедницата - соопштија денеска од Општина Центар.

- Станува збор за глобален проект, што се реализира во 27 земји во Европа, Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и во Австралија, а е наменет за деца на возраст од 10 до 12 години. Во проектот се вклучени и деца од малцински заедници, вклучително и ромски деца, а наставната алатка „Нашите права“ се користи на 24 јазици и е дел од Светската програма за образование за човекови права - појаснија од локалната самоуправа.

На обуката присуствувале амбасадорот на Република Словенија во земјата, Грегор Прескер, лидерот на проектот - Бланка Јамнишек, претставници на Бирото за развој на образованието и од здружението Центар за човекови права и разрешување конфликти од Скопје, како и наставници од повеќе скопски училишта.

- Ова е проект што заслужува особено внимание. Нашите ученици треба да ги знаат своите права за да се почитуваат себеси, но и другите. Чест ми е што домаќин на работилницата е токму центарското училиште „Свети Кирил и Методиј“, најстарото во државата, но секогаш прво во прифаќање нови методи, обуки и трендови во образованието - се наведува во пишаната изјава на градоначалникот Герасимовски. бд/дма/

Фото: Општина Центар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан