• среда, 25 декември 2024

Насоки и препораки од Владата за функционирање во продолжениот полициски час

Насоки и препораки од Владата за функционирање во продолжениот полициски час
Скопје, 6 април 2020 (МИА) -  Владата упати задолженија со насоки и препораки до институциите, економските оператори и граѓаните, а со кои го прецизира спроведувањето на Одлуката со која од задутре се воведува дополнителна забрана за движење на граѓаните, односно се продолжува полицискиот час на целата територија на државата.  Вработените во државните органи, агенции, фондови, бироа, заводи, претпријатија во Скопје, кои не живеат во главниот град и секојдневно патуваат на работа, од задутре треба да бидат упатени да работат од дома. Министерствата и останатите органи на државната управа, пак, треба да го прилагодат работното време согласно со забраната за движење, односно административните и јавните службеници треба да завршат со работните задачи и обврски навреме со цел да можат да стасаат дома пред 16 часот кога почнува полицискиот час.  Министерството за здравств, пак, треба веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на државата. Владата ги задолжи општинските кризни штабови да определат економски оператор/и  - маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на државата, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачи, непречено да ја извршуваат својата работа за време во деновите сабота и недела. За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со МВР да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните. Економските  оператори што имаат производствени капацитети треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес. И за оваа мерка важат исклучоците за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на РСМ, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институиции опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани. Како што објави претодно денеска на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски, со Одлука на Владата од задутре се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. Според одлуката, за лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник. Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца. За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Новите ограничувања стапуваат во сила во среда, 8 април 2020 година во 16 часот.лв/

Остани поврзан