• среда, 25 декември 2024

Народниот правобранител укажува дека извршителите не ја почитуваат одредбата за застареност на побарувањата од должниците

Народниот правобранител укажува дека извршителите не ја почитуваат одредбата за застареност на побарувањата од должниците

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Откако во јули минатата година Собранието по препорака на Народниот правобранител ги усвои измените на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување, се почитува одредбата законската казнена камата да биде ограничена до основниот долг  и тој проблем што претходно постоеше, според омбудсманот Насер Зибери, солидно е затворен. Меѓутоа тој денеска реагираше дека не се почитува вториот дел од законските измени во однос на застареноста на побарувањата кон должниците.

Со измените беше утврдено побарување утврдено со извршна исправа да застари доколку во рок од пет години по правосилноста на извршната исправа не се поднесе предлог до надлежниот извршител за извршување или доколку во меѓувреме биде поднесено барање за извршување, но во рок од десет години не успее да биде извршено исто така да застари т.е. апсолутен рок на застарување на извршната исправа односно побарувањата на доверителите кон должниците. 

Зибери на прес-конференција денеска рече дека иако тоа е јасно утврдено во Законот за облигациони односи, ги нема очекуваните резултати и продолжиле, како што рече, непрестајно да стигнуваат претставки од граѓани кои бараат помош од Народниот правобранителот затоа што извршителите ги одбивале барањата за престанок на побарувањето односно не донесуваат заклучок за запирање на постапката согласно со измените на Законот.  

-Извршителите постојано ги одбиваат ваквите поднесени барања од страна на должниците, рече Зибери и посочи дека одговорите што ги даваат извршителите во врска со тоа не се унифицирани, се повикуваат на ненадлежност или на неможност да постапуваат бидејќи тоа прашање не е уредено во самиот Закон за извршување туку во Законот за облигациони односи.  

Согласно член 86 од Законот за извршување, должникот има право на приговор на одлуката на извршителот до надлежен основен суд, но, рече Зибери, и одлуките на судовите не се унифицирани. Генерално, судовите а приори ги одбиваат приговорите и ги потврдуваат заклучоците на извршителите, но има и помал дел судови (како судот во Куманово и во Битола) кои ги прифаќаат приговорите на должниците и ги ставаат вон сила извршните исправи односно ги враќаат на повторно одлучување кај извршителите. 

Зибери  побарал образложенија од судовите за ваквото постапување и нивниот одговор бил дека извршителите не се должи да оценуваат застареност и дека тоа прашање не е уредено со Законот за извршување. 

-Со еден збор, измените на Законот за облигациони односи во делот на застарувањето де факто не произведуваат никаков ефект за граѓаните, рече Зибери кој поради тоа, како што рече, побарал средба со Комората на извршители. И тие се повикувале на недлежност и на непостоење обврска по службена должност да се провери застареноста на извршните исправи и, како што рече, одбиваат да постапуваат по барањата на должниците за донесување заклучок да се запре постапката за извршување.

Комората исто така му одговорила на Зибери дека Министерството за правда нема донесено подзаконски акт (образец) односно го нема сменето постојниот во кој е уредена формата и содржината на налозите, заклучоците, записниците и другите постапувања на извршителите и тоа што немаат образец им е аргумент зошто не можат да постапат. Комората го информирала дека се обратиле до Министерството за правда за ова прашање, но Зибери се сомнева во тоа затоа што повеќе од еден месец не одговориле на неговото барање да му го достават тоа нивно обраќање.

Смета дека нема никаква пречка извршителите да донесат заклучок за запирање на постапката за извршување доколку се исполнети условите од член 2 и член 4 од Законот за облигациони односи. Исто така, тој цитираше и член од Законот за извршување.

-Според моето скромно познавање на оваа област, мислам дека извршителите не постапуваат по измени на Законот за облигациони односи не поради немање образец односно подзаконски акт и не поради непостоење на правна норма во самиот Закон за извршување туку од други причини. Во став 1 од член 93 на Законот за извршување, во кој е уредено прашањето на запирање на извршувањето, точно е кажано дека извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила е основ за запирање на извршувањето односно извршувањето се запира доколку настане еден од овие елементи, рече Зибери, нагласувајќи дека со измени на Законот за облигациони односи ваквите извршни исправи се вон сила бидејќи настанал апсолутниот рок на застареност и дека тоа е „правниот основ извршителите да постапуваат“. 

Поради тоа, Зибери смета дека Министерството за правда и Комората на извршители со помош од Омбудсманот треба да најдат решение и, како што рече, излез од ваквата ситуација во која „должниците стануваат жртви на игра помеѓу институциите“.

Од надлежната собраниска комисија, пак, бара да организира јавна расправа за ефектите од измените на Законот за облигациони односи порачувајќи дека „Собранието не може да остане немо ако закон донесен од пратениците не се применува и нема правно дејство“. хс/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан