• среда, 25 декември 2024

Народна банка: 30-годишниот јубилеј на монетарната самостојност одбележан и со публикација

Народна банка: 30-годишниот јубилеј на монетарната самостојност одбележан и со публикација

Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Во рамките на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од воведувањето на нашата национална валута - денарот и воспоставувањето на институционалната рамка на монетарниот систем, односно функционирањето на нашата самостојна централна банка, Народната банка ја објави публикацијата „30 години од осамостојувањето на Народната банка: предизвици, реформи и унапредување на работењето“.

Како што велат од Народната банка, публикацијата дава осврт на работењето и постигнувањата во триесетте години постоење на централната банка, години на истрајност и стручност со кои централната банка успешно им одговори на голем број предизвици.

-Народната банка ги пресретна многуте премрежиња во македонската монетарна историја како професионални предизвици, едновремено обезбедувајќи развој во сите сфери од нејзиното делување, преку усвојување нови повисоки стандарди и реформи во секоја област од работењето. Со тоа, успешно ги постави  основите на современото централно банкарство, придонесе кон реформирањето на нашето општество и кон градење подобра иднина за сите нас. Одејќи по патот на стручноста во изминатите три децении, Народната банка успешно ги остваруваше целите доделени со законот, обезбедувајќи ценовна стабилност, како и стабилен банкарски систем, се вели во денешното соопштение од Банката.

Во изминатите 30 години, покрај класичните функции поврзани со монетарната политика и режимот на девизниот курс, управувањето со девизните резерви, како и трезорското работење, Народната банка, како што нагласуваат оттаму, имаше активна улога во развојот на финансиските пазари, развојот на банкарската регулатива и банкарската супервизија, поради што го добивме значајното признание од Европската Унија, којашто нѐ стави на листата со само уште 29 држави во светот чијашто банкарска регулатива и супервизија ги исполнува европските стандарди.

-Централната банка вложува труд и во одржувањето на финансиската стабилност, унапредувањето и примената на економското моделирање и проектирање, развојот на внатрешната ревизија, развојот на платните системи и платежната инфраструктура, усвојувањето на европските стандарди во сите сфери на работењето, управувањето со ризиците и управувањето со човечките ресурси, како и во постојаното унапредување на статистиката. Потврда за постојаните напори за унапредувањето на статистиката и постигнатиот квалитет на статистичките податоци е членството на националниот статистички систем во стандардот СДДС плус за дисeминација на статистичките податоци на ММФ, во кој тековно учествуваат само 27 земји во светот, велат од Народната банка. 

Централната банка, нагласуваат оттаму, им посветува особено внимание и на развојот на макропрудентната политика, комуникацијата со јавноста, одржувањето стабилен информатички систем и неговата постојана надградба, дигиталната трансформација заради поедноставување на внатрешните процеси и зголемувањето на ефикасноста и продуктивноста, финансиската едукација и инклузија, создавањето „зелена“ и одржлива економија, како и на развојот на финтек-секторот.

 -Низ годините, Народната банка институционално растеше, издигнувајќи го професионалниот капацитет и доближувајќи се до централните банки на развиените земји.  Постигнатите резултати на централната банка се потврдени и од меѓународните финансиски институции. Централната банка во изминатите три децении прерасна во еден од столбовите на стабилност на целиот економски систем, остварувајќи ги своите цели и давајќи ѝ поддршка на економијата преку соодветни политики и мерки. Годините наназад се сведоштва за одржувањето на стабилноста на денарот, за обезбедувањето комфорна ниво на девизните резерви, како и за воспоставувањето здрав банкарски систем поставен на пазарни основи, велат од Народната банка.

Сите постигнувања, потенцираат, се должат на голем труд и заложби, стручни анализи и осмислени активности, стручен човечки капитал и квалитетно донесени одлуки. сст/са/

Остани поврзан