• сабота, 23 ноември 2024

Народна банка: Постојано ги зајакнуваме капацитетите за откривање фалсификувани пари

Народна банка: Постојано ги зајакнуваме капацитетите за откривање фалсификувани пари

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Народната банка денеска соопшти дека во текот на минатата година од страна на експерти за брзо воочување на сомнителни примероци на пари обучени се над 200 вработени во деловните банки и во институциите во системот за справување со фалсификување пари.

- Најважната алка во синџирот на справување со фалсификувањето на парите се лицата кои вршејќи ја својата професионална дејност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите. Оттука, со зајакнувањето на капацитетите на сите засегнати ракувачи со готовина се обезбедува брзо воочување на сомнителните примероци, нивно отстранување од оптек и доставување во Народната банка, се наведува во соопштението.

Од централната банка посочуваат дека низ годините, експертите од Народната банка организираат редовни задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути, за вработените во финансиските институции, односно во банките и центрите за готовина.

Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка, како што се наведува во соопштението, ги проширила обуките опфаќајќи и претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција.

- Како единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и во странски валути, централната банка врши и експертска анализа и обезбедува соодветна поддршка во процесот на справување со фалсификатите. Во изминатиов период, засилено се вршеше и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари, се вели во соопштението. бак/аа/

Фото: Народна банка

Остани поврзан