• четврток, 26 декември 2024

Народна банка: Натамошен раст на плаќањата со платежни картички и електронски кредитни трансфери

Народна банка: Натамошен раст на плаќањата со платежни картички и електронски кредитни трансфери

Скопје, 12 јули 2023 (МИА) - Tренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери или т.н. платни налози. Ова го покажуваат податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година што ги објави Народната банка на Република Северна Македонија.

Како што информира Народна банка, во првиот квартал од 2023 година годишниот раст на употребата на платежни картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните изнесува 14,7 отсто кај бројот и солидни 12 отсто кај вредноста на овие трансакции.

Значителен годишен раст од 16,8 отсто е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, при засилен раст на плаќањата на физичките места на продажба од 17,4 отсто, но и солиден раст од 11,1 отсто на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места.

Годишен раст е забележан и кај плаќањата на граѓаните со платни налози, како кај бројот на платежните трансакции (6,1 отсто), така и кај вредноста на остварените трансакции (3,1 отсто), при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Бројот на електронски иницираните платни налози во првиот квартал од 2023 година бележи раст од 14,5 отсто на годишна основа, што е двојно повеќе од годишниот раст во првиот квартал од 2022 година (7,1 отсто).

Од Народна банка посочуваат дека граѓаните особено ги користеле апликациите на мобилните телефони, со кои извршиле над една половина од вкупниот број електронски иницирани платни налози.

-За одбележување е дека бројот на платежните трансакции извршени преку мобилен телефон постојано расте и во првиот квартал од оваа година е поголем за 23,8 отсто од бројот на овие трансакции во истиот период од 2022 година. Годишен раст, но не толку силен, од 3,5 отсто е забележан и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата, се вели во соопштението. 

Податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година, коишто покрај изнесените податоци за платежните трансакции на граѓаните во земјата содржат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата, се достапни на следнава врска. мд/аа/

Фото: Народна банка 

Остани поврзан