Народна банка: Девизните резерви на историски максимум, макроекономската слика во рамки на очекувањата
- Оценката на Советот на Народната банка е дека макроекономската состојба во земјава е во согласност со октомвриските проекции со годишен раст на БДП од три проценти во третиот квартал од минатата година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација изнесувала 3,5 проценти и е целосно во согласност со последните проекции на централната банка.

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Оценката на Советот на Народната банка е дека макроекономската состојба во земјава е во согласност со октомвриските проекции со годишен раст на БДП од три проценти во третиот квартал од минатата година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација изнесувала 3,5 проценти и е целосно во согласност со последните проекции на централната банка.
- Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка, велат од Советот на Народната банка.
Во декември, вкупните депозити и кредити пораснале над очекувањата, со годишен раст од 11,4 проценти и 11,2 проценти, а анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.
Ддевизните резерви на крајот на 2024 година достигнале историски максимум од 5.029 милиони евра, со повеќе од 60 проценти вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.
- Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а балансираниот приод во инвестирањето придонесе за остварување поволни финансиски резултати. велат од Народната банка.
На седницата одржана вчера, Советот на Народната банка ги усвоил и финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2024 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. - Според мислењето на независниот ревизор, финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Во согласност со заложбите за обезбедување транспарентност во работењето, Финансиските извештаи на Народната банка се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и на интернет-страницата на Народната банка, велат од централната банка. бак/са/
Фото: Народна банка