• четврток, 26 декември 2024

Народна банка: Граѓаните сè повеќе ги ползуваат придобивките од дигитализацијата на плаќањата

Народна банка: Граѓаните сè повеќе ги ползуваат придобивките од дигитализацијата на плаќањата
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) - Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2021 година, забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 35,2 посто и 43,7 проценти, соодветно, што во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата кои придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните во однос на плаќањата, соопшти Народна банка. Притоа, како што посочуваат, остварениот годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на физичките продажни места (44,5 проценти) во вториот квартал од 2021 година е девет пати повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2020 година (4,7 посто). Во однос на користењето на платежните картички на виртуелните (интернет) продажни места, во вториот квартал од 2021 година беше остварен висок годишен раст од 36,3 отсто, но истиот забавува во овој квартал после исклучително високите стапки на раст од почетокот на пандемијата и е за 4,7 пати понизок од годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година. Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер во вториот квартал од 2021 година, е забележан исто така значителен раст кај плаќањата на граѓаните со овој платен инструмент, со годишен раст од 47 посто кај вредноста на трансакциите, односно 41 процент кај бројот на извршените трансакции. - Од почетокот на корона-кризата па наваму, заради потребата од заштита на јавното здравје, изолација и социјална дистанца, граѓаните сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2021 година се зголемил за 30 посто на годишна основа, остварувајќи повисоко зголемување во споредба во истиот квартал во 2020 година (27 отсто). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на навиките при извршување на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање, се наведува во соопштението. Во вториот квартал од 2021 година, бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон пораснал со 55 посто на годишна основа, иако истиот е понизок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година (75 проценти). Покрај тоа, во вториот квартал од 2021 година, иако помалку во однос на употребата на мобилните апликации, и натаму расте употребата на компјутерите за извршување плаќања. Поконкретно, кај овие плаќања, во вториот квартал од 2021 година се забележува годишен раст од 18 проценти, којшто е повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 13 отсто. - Оттука, се забележува континуиран полугодишен раст на вкупниот број на плаќања со кредитни трансфери и платежни картички во првото полугодие на 2021 година. Најголем број од трансакциите се остварени со платежни картички (57,7 проценти) учество во вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери), при што се забележува значително зголемување при употребата на истите со раст од 34,7 отсто во однос на првото полугодие од 2020 година, додека остатокот се извршени со употреба на кредитни трансфери (учество од 42,3 посто) коишто бележат раст од 15,1 проценти, споредено со истиот период од изминатата година, се вели во соопштението од НБ.мс/лв/

Остани поврзан