• четврток, 26 декември 2024

Народна банка: Во јуни годишен раст од 11,5 отсто на вкупните депозити и од 6,5 проценти на вкупната кредитна поддршка

Народна банка: Во јуни годишен раст од 11,5 отсто на вкупните депозити и од 6,5 проценти на вкупната кредитна поддршка

Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 11,5 отсто, што произлегува од зголемувањето на депозитите на двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка.

Годишниот пораст, пак, на кредитите од 6,5 проценти е одраз на повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е малку поизразено кај секторот домаќинства.

Во соопштението од Дирекцијата за статистика при НБРМ, се наведени податоци за монетарни движења во Република Северна Македонија за јуни месец.

-Во јуни 2023 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) се зголеми за 0,9 отсто на месечна основа, во најголем дел поради растот на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при дополнителен позитивен придонес и на долгорочните депозити до две години, стои во соопштението.

Од Народна банка посочуваат дека годишниот раст изнесува 10,0 отсто и главно е резултат на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити, по кои следуваат долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.

-Вкупните депозити, во јуни, остварија месечен и годишен раст од 1,2 отсто и 11,5 проценти, соодветно којшто произлегува од зголемувањето на депозитите на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. Во јуни, кај вкупните кредити е забележано месечно зголемување од 1,1 отсто под влијание на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст од 6,5 проценти е одраз на повисокото кредитирање кај двата сектора, коешто е малку поизразено кај секторот „домаќинства“, се посочува во соопштението.

Во делот на депозити и кредити на корпоративниот сектор, од Народна банка информираат дека во јуни, вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележат раст од 1,3 отсто во споредба со претходниот месец.

-Нагорната промена се должи на зголемувањето на краткорочните и долгорочните депозити во денари, при дополнителен позитивен придонес и на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, додека долгорочните депозити во странска валута забележаа пад. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор остварија зголемување од 19,7 отсто, коешто произлегува од растот на сите компоненти, со најголем придонес на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, стои во соопштението.

Од Народна банка велат дека кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, забележаа месечен раст од 1,2 проценти, којшто се должи на повисоките кредити одобрени во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити. Во споредба со јуни претходната година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 6,5 отсто како резултат на повисокото кредитирање во денари и во странска валута, поизразено кај кредитите одобрени во странска валута.

Во делот на депозити и кредити за домаќинствата, како што информираат од Народна банка, во јуни, депозитите на домаќинствата се зголемија за 1,2 тсто на месечна основа во најголем дел под влијание на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута и во денари, при помало зголемување и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад. Годишната стапка на раст од 8,8 проценти целосно произлегува од зголемувањето на депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити.

-Кредитите на домаќинствата, во јуни, бележат нагорна месечна и годишна промена од 0,9 отсто и 6,4 проценти, соодветно. Анализирано според валутната структура, растот на месечна и на годишна основа се должи на повисоките кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута, се наведува во соопштението..

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, како што посочуваат од Народна банка, во јуни кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 1,1 отсто и 1,4 проценти, соодветно, додека на годишна основа се повисоки за 6,2 отсто  и 11,3 проценти соодветно.

-Овој месец, автомобилските кредити остварија месечно и годишно зголемување од 4,4 отсто и 8,6 проценти, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички бележат намалување на месечно и на годишно ниво од 0,1 отсто и 1,3 проценти, соодветно. Во јуни, кај негативните салда на тековните сметки и кај кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 4,1 проценти и 4,2 отсто, соодветно, при годишно намалување од 2,6 отсто и 17,9 проценти, соодветно, стои во соопштението од Народна банка. вг/ дма/

 

Фото: НБРМ графикон/принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан