• четврток, 26 декември 2024

Народна банка: Во јануари годишен раст од 10 проценти на вкупните депозити и од 5,7 проценти на вкупните кредити

Народна банка: Во јануари годишен раст од 10 проценти на вкупните депозити и од 5,7 проценти на вкупните кредити

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Вкупните депозити на годишно ниво се зголемени за 10 проценти, а вкупните кредити за 5,7 проценти, соопшти денеска Народната банка.

-Вкупните депозити , во јануари, се непроменети на месечна основа. На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 10 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“. Во јануари, вкупните кредити се намалени за 0,2 проценти, во споредба со претходниот месец, во целост поради падот на кредитирањето на корпоративниот сектор. Вкупните кредити остварија годишен раст од 5,7 проценти, којшто се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства, се вели во соопштението од Народната банка.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор се намалени за 1,8 проценти на месечно ниво, додека долгорочните депозити бележат раст. Кај кредитите на корпоративниот сектор е забележан пад од 0,7 проценти, како резултат на намаленото кредитирање во денари и во странска валута, кое е поизразено кај кредитите одобрени во денари. 

Вкупните депозити на домаќинствата се незначително намалени за 0,1 процент, а кредитите бележат раст од 0,3 проценти, којшто во поголем дел се должи на повисоките кредити во денари, при раст и на кредитите во странска валута. 

Кај потрошувачките кредити е забележан месечен пад од 1,1 процент, а станбените кредити белеќат зголемување за 0,3 проценти. Автомобилските кредити оствариле и месечен и годишен раст од 0,3 и 12,6 проценти. сст/бак/

Фото: МИА архива, Народна банка

Остани поврзан