• недела, 24 ноември 2024

Народната банка и Економскиот факултет при УКИМ ќе ги засилат заедничките економски истражувања

Народната банка и Економскиот факултет при УКИМ ќе ги засилат заедничките економски истражувања

Скопје, 19 март 2021 (МИА) - Засилување на заедничките вложувања во економските истражувања и во унапредувањето на знаењата и вештините на идните економисти, како и на оние коишто ќе ја продолжат својата едукација со втор или трет циклус студии од областа на економијата, е договорено на состанокот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите на Народната банка со деканот на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Предраг Трпески и продеканот проф. д-р Мијалче Санта.

Од Народната банка соопштуваат дека со тоа ќе се оствари заеднички влог во натамошно јакнење на економијата - од една страна имајќи го предвид клучното значење на економските истражувања за водењето на политиките, а од друга страна, влогот во квалификуваниот кадар кој понатаму ќе може да се вложи во економските текови и во институционалните капацитети.

На состанокот, меѓу другото, се разговараше за економските прашања за коишто во претстојниот период ќе се спроведуваат заеднички истражувања на истражувачи од двете институции, од што би произлегле и публикувани истражувачки трудови, кои не само што ќе бидат фокусирани на натамошно анализирање на македонската економија, туку ќе придонесат и за унапредување на условите за носење на одлуките од носителите на политиките во економската сфера.

Во соопштението се наведува дека одделно се разговараше и за предизвиците околу натамошното унапредување на наставните програми на Економскиот факултет, со цел студентите уште подобро да бидат упатени во меѓународните трендови и поподготвени за практичните аспекти што се клучни по завршувањето на студиите, вклучително и во однос на истражувачката активност. Со тоа, сметаат, ќе се оствари влог и за унапредување на состојбите на пазарот на трудот, што е во интерес на економијата во целина.

На состанокот е посочено дека е предвидено подготовката на новите наставни програми на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ да се одвива како инклузивен процес и е договорено во активностите, со своите експертски видувања, да се вклучи и Народната банка. Како што е истакнато на средбата, на среден и долг рок, ова е вложување и во институционалниот капацитет на Народната банка, имајќи ја предвид практиката на отворени врати за најдобрите студенти на економските факултети, што е настојување на централните банки и во развиените земји.

На состанокот, деканот Трпески на гувернерката Ангеловска-Бежоска ѝ ја врачи плакетата доделена на Народната банка по повод 70 години од основањето на Економскиот факултет - Скопје, за особен придонес во развојот на Факултетот. скс/сп/

Остани поврзан