• петок, 27 декември 2024

Народен правобранител: Посериозно да продолжиме со активностите за унапредување на правата на детето

Народен правобранител: Посериозно да продолжиме со активностите за унапредување на правата на детето
Скопје, 20 ноември 2022 (МИА) - Значително е подобрена свеста за правата на децата и се преземени мерки за нивна заштита. Но, тоа не е доволно, Конвенцијата за правата на детето не обврзува безусловно да овозможиме подобар свет за секое дете, услови за нормален развој и егзистенција, непречено остварување на правото на образование, највисоко ниво на здравствена заштита, социјална помош и поддршка на децата од материјално необезбедени и социјално ранливи семејства… со еден збор имаме обврска да му озвозможиме на секое дете на подеднаква основа остварување на правата, со почитување на неговиот најдобар интерес и учество во донесувањето одлуки, вели Народниот правобранител. По повод Меѓународниот ден на Детето - 20 Ноември, Народниот правобранител порачува дека како општество уште многу треба да работиме и попосветено да им пристапиме на проблемите кои ги попречуваат децата во остварувањето на правата. -Овој датум треба да биде поттик за сите посериозно и пoпoсветено да продолжиме со активностите за унапредување на правата на детето и за создавање основни претпоставки за нивно остварување. Жално, но вистино, во пракса, нерешениот проблем со правно невидливите деца, децата на улица, сегрегацијата во некои училишта, проблемот со необезбедени образовни и лични асистенти, неможноста на детето да остварува лични и непосредни контакти со родителот со кого не живее, насилството врз децата, меѓуврсничкото насилство, па и случаите на сексуално злоставување на деца покажуваат дека како општество уште многу треба да работиме и попосветено да им пристапиме на проблемите кои ги попречуваат децата во остварувањето на правата, се наведува во соопштението. Имајќи ја предвид важноста на овој ден, Народниот правобранител потсетува и дека иднината на децата зависи од овозможувањето услови за остварување на правата, но и почитувањето и уживањето на нивните права без каква било дискриминација. -Затоа потсетувам дека наша обврска е да ги почитуваме основните принципи на Конвенцијата за правата на детето, тие да бидат императив во нашето работење и секојдневие. Сите ние, и како родители, вработени во детските градинки, училиштата, установите за грижа и заштита на децата и други институции и органи имаме обврска да придонесеме за нивен правилен психо-физички развој, и да придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите, нагласува Народниот правобранител. мч/

Остани поврзан