• среда, 25 декември 2024

Наредната година 350 до 400 милиони евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во земјава

Наредната година 350 до 400 милиони евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во земјава
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) – За наредната 2023 година имаме најголем буџет за патна инфраструктура и нашите очекувања се дека заедно со ЈП за државни патишта ќе инвестираме помеѓу 350 и 400 милиони евра што ќе биде историски највисоко ниво за изградба и реконструкција на патна инфраструктура, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на отворањето на „Вториот македонски конгрес за патишта 2022“ во организација на Друштвото за патишта. -Владата преку Министерството за транспорт и врски и јавните претпријатија за патишта, силно е посветена во реализација на националната транспортна стратегија која опфаќа изградба и модернизација на патната мрежа низ земјата. Нашите политики имаат јасна цел, а тоа е создавање на квалитетна патна мрежа, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани и забрзан економски раст и развој на државата. Во текот на изминатите неколку години инвестиравме над една милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 1.300 километри патна мрежа, со што дадовме силен инпут во создавање на нова патна мрежа и позиционирање на државата на главната Паневропска мрежа на коридори, рече Бочварски. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека добрата инфраструктура е еден од основните предуслови за развој на една држава. -Оваа состојба која е веќе 30 години мора да ја менуваме. Проектирањето и изградбата на нашите патишта изгледа дека е ахилова пета. Доброто проектирање ќе ја олесни нивната реализација, а соодветното и реално планирање ќе овозможи да не се соочуваме со проблеми како сегашните, рече Битиќи. Посочи дека сега е вистинско време да се смени пристапот и да се применат најдобрите практики од развиените земји за да не се соочуваме со проблеми како досега при реализацијата на патиштата. -Дојдено е време наместо да зборуваме за вредност на проекти, да зборуваме за нивниот квалитет, потенцира Битиќи. Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека 55 години постоење на Друштвото за патишта е јубилеј достоен за почит и додаде дека Јавното претпријатие за државни патишта е еден од основачите на Друштвото, со кое, како што рече, цели 55 години наназад делат исти цели и задачи. Верувам, додаде, дека и натаму ќе продолжиме со плодна соработка, но и ќе пронаоѓаме начини за надминување на проблемите коишто неминовно се појавуваат кога се реализираат крупни проекти. - Поголемата соработка во сите фази на изработка на проектите е од особено значење за навремено надминување на секоја пречка. Кога работиме, тогаш и грешиме, но кога ќе се обидеме да изнајдеме решение и да ги надминеме грешките тоа значи вистинска посветеност. Ние како институција која сме задолжени за изградба, реконструкција, рехабилитација и управување со патиштата, се соочуваме често и со проблемот во косините кој ни се појавува во проектите и изградбата на патиштата. Па токму затоа на овој настан  сакам да го потенцирам проблемот во изработка на проектна документација во делот на косините кој се јавува при реализација на проектите. Сметам дека во иднина е потребно сите учесници при изработка на проектните документации максимално да се посветат со цел да постигне повисоко ниво на квалитет на проектната документација, особено во делот на проектирање на косини, рече Рустеми. Ценам, додаде, дека ваквите собири се вистинска можност стручната фела да  размени искуства со цел да  ги надминеме проблемите кои што се појавуваат во текот на реализација на проектите. вј/лв/

Остани поврзан