• среда, 18 декември 2024

УНИЦЕФ: Напредокот во инклузивното образование треба да биде мотивација за побрзи реформи

УНИЦЕФ: Напредокот во инклузивното образование треба да биде мотивација за побрзи реформи

Скопје, 3 декември 2024 година (МИА) - Во овие четири години - по усвојувањето на Законот за основно образование во 2019 година, бројот на ученици со попреченост кои редовни ги посетуваат македонските основни училишта е двојно зголемен. Во учебната 2019 / 20 година имало четири ученици по училиште во просек - на девет ученици по училиште во учебната 2023 / 24 година. Ова го посочува новиот „Извештај на УНИЦЕФ за политики на: Инклузивно образование во Северна Македонија“.

Иако ваквиот напредок ветува, во извештајот се нагласува дека децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите деца што пропуштаат квалитетно образование.

- Инклузивното образование не е само стратешки пристап, тоа е заложба за правичност и квалитет во образованието. Обезбедува фер шанса за сите деца, вклучително и за децата со попреченост, да одат на училиште, да учат и да ги развиваат вештините што им се потребни за да напредуваат, рамо до рамо со своите врсници. Кога децата со попреченост учат во иста училница со другите деца, имаат корист сите деца, како и пошироката заедница, преку негување култура на прифаќање и различност. Овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, земјата треба да биде мотивирана од досегашниот напредок и да ги забрза реформите за да допре до секое дете, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

Извештајот за политики и програми е изработен со помош на податоци од национално истражување и од административни податоци. Тој посочува дека 96 отсто од основните училишта во коишто одат деца со попреченост, имаат инклузивни тимови. Поголемиот дел (68 отсто) имаат ресурсни простории и пристапни рампи, а 60 отсто имаат дефектолог. Освен тоа, бројот на образовни асистенти е удвоен, од 500 во 2021 година на 1.020 асистенти во 2024., што одразува цврста посветеност кон индивидуализирана поддршка.

И покрај овие достигнувања, потребни се континуирани напори за решавање на бариерите, стигмата и потребата од услуги за поддршка на децата со попреченост. На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, УНИЦЕФ ја повикува земјата да остане посветена на инклузивно образование за секое дете. Приоритет се следните активности:

1. Натамошно зајакнување на системот за поддршка за да се олесни целосното вклучување на децата со попреченост во редовните училишта. Ова опфаќа основање на барем еден Центар за поддршка по основно училиште во секоја општина, којшто ќе служи како средишна точка за образовна поддршка. Центарот за поддршка ќе им овозможи на децата со попреченост да учествуваат во модифицирани програми во своето училиште, комбинирајќи часови и активности заедно со нивните врсници, а приспособени кон нивните индивидуални потреби. Исто така, законите за средно и стручно образование треба да се ревидираат за да се зајакне инклузијата и поддршката за учениците со попреченост.

2. Воведување задолжителна обука за идните наставници во текот на додипломското образование за да се оспособат со вештини за поддршка на индивидуалните потреби на секое дете, вклучувајќи ги и оние со попреченост. Обезбедување континуиран професионален развој за актуелните наставници и преквалификација на вишокот наставници за поддршка на инклузивното образование. Усогласување на обуката со Профилот на ЕУ за наставник во инклузивно образование и надзор со поддршка за образовните асистенти.

3. Натамошно инвестирање во спроведување на Законот за основно образование преку оптимизација на училишната мрежа и ревизија на формулата за финансирање на основните училишта, со цел општините да имаат средства за: Нови центри за поддршка, современа училишна инфраструктура и покривање на работните трошоци, професионалниот развој и потребата од асистивна технологија.

4. Развивање на училиштата како центри за образовни, здравствени и социјални услуги за децата со попреченост и другите ранливи деца, промовирајќи меѓусекторска соработка. Ова ќе наложи продолжување со јакнењето на постојните услуги, вклучувајќи функционална проценка, образовна помош и услуги на социјална заштита. Исто така, ќе биде потребно инвестирање и подобрување на услугите за превенција и соодветен одговор на напуштање на училиштето, услуги за навремена интервенција и програми за учество на наставниците, родителите и заедниците во справување со предрасудите и стигмата, поттикнувајќи поинклузивна средина.  си/са/

 

Остани поврзан