• четврток, 26 декември 2024

Нападот врз Израел, случувањата околу Украина и Самитот на ЕУ главни теми на пленарната седница на ЕП 

Нападот врз Израел, случувањата околу Украина и Самитот на ЕУ главни теми на пленарната седница на ЕП 

Брисел, 16 октомври 2023 (МИА) - Нападите на терористичката организација Хамас врз Израел, поддршката на ЕУ за Киев, ефикасноста на санкциите воведени кон Русија поради руската агресија на Украина и очекувањата од претстојниот Самит на Унијата предвиден за 26 и 27 октомври, ќе бидат главните теми на овонеделното пленарно заседание на Европскиот парламент во Стразбур. 

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во рамки сесијата ќе биде соопштен добитникот на овогодинешната награда „Сахаров“ за слобода на мислата, а ќе биде доделена и наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“. 

Заседанието започнува попладнево со дебата за новиот Механизам за помош на Украина за периодот 2024-2027 година во вкупна вредност од 50 милијарди евра, наменети за закрепнување, реконструкцијата и модернизацијата на земјата, во чии рамки ќе се разгледува и иницијативата за користење на запленетите руски средства за обнова на Украина.  

Во продолжение, европратениците ќе расправаат за Платформата за стратешки технологии за Европа (СТЕП), кој треба да претставува нов инструмент на ЕУ за поддршка на развојот на проектите за критичните и новите стратешки технологии, како што се вештачката интелигенција, роботиката, обновливите извори на енергија и медицинските технологии.  

Европратениците денеска ги одобрија плановите за зголемување на производството на муниција и ракети во ЕУ и побрзо снабдување на Украина со муниција, објави Европскиот парламент

За денеска е предвидена и дебата за новите Правила на ЕУ за рибарство, кои имаат за цел да го намалат нелегалниот, непријавен и нерегулиран риболов и да обезбедат поголема заштита на потрошувачите. 

За вечерва е закажан заеднички состанок на комитетите за меѓународна трговија и за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на ЕП посветен на Иницијативата за забрана за продажба на пазарот на Унијата на производи направени со принудна работа. 

Гласањата за Механизмот за Украина, СТЕП и Правила за рибарство се предвидени за утре, заедно со изјаснувањето за Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, за назначување на член на Извршниот одбор на Европската централна банка, како и за Извештајот за последиците од кинеските мерки врз рибарството во ЕУ. 

Утре пратениците ќе имаат дебата со Европската комисија и со Советот на ЕУ за функционалноста на санкциите на ЕУ кон Русија и начините за спречување на нивното кршење од страна на Москва. Европарламентот во продолжение ќе расправа и за искоренување на сиромаштијата, за Буџетот на Европската Унија за финансиската 2024 година, за Дигитализација на визната процедура и за Измените на Регулативата за изгледот на визите во Шенген зоната, за Програмата за работа на Еврокомисијата за 2024 година, за мерки за борба против порастот на организираниот криминал, за недостигот на вода во Унијата, за законодавната Рамка за шпионски софтвери, за положбата на украинските жени бегалци, како и за Извештајот за Црна Гора за 2022 година. 

Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан денеска побара од претседателите на Русија и на Франција и од американскиот државен секретар да реагираат на „агресијата од Азербејџан“

Пред европратениците утре ќе се обрати и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кој пред обраќањето ќе има билатерална средба со претседателката на ЕП, Роберта Мецола. 

Утре вечер ќе се одржи и церемонијата за врачување на наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“, која се доделува за новинарска работа насочена кон промоција или одбрана на основните принципи и вредности на ЕУ. Пред церемонијата, ќе се одржи и семинар на тема „Заштита на слободата на медиумите: Улогата на Европската Унија“. 

В среда, европратениците ќе дебатираат со претставници на Советот на ЕУ и на Еврокомисијата за „одвратните терористички напади на Хамас врз Израел“, како и за октомврискиот Самит на ЕУ, во чии рамки европратениците ќе ги изнесат своите барања и очекувања од собирот. На дневен ред е и Годишниот извештај на Судот на ревизори за 2022 година, резултатите од Самитот на ОН за целите за одржлив развој, состојбата со владеењето на правото во Малта шест години по атентатот врза Дафне Каруана Галиција, справувањето со ширењето на дезинформации и нелегални содржини, Извештајот за менталното здравје во работната средина, како и новата Европска агенда за иновации. Предвидено е одржување и на тематска дебата насловена „Вистинска геополитичка Европа сега“. 

Истиот ден, пратениците ќе гласаат за избор на нов потпретседател и нов квестор на Европарламентот, за Нацрт-буџетот на Европската Унија за 2024 година, за Дигитализација на визната процедура и за Измените на Регулативата за изгледот на визите во Шенген зоната и за Извештајот за Црна Гора за 2022 година. 

Истражувањето на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) покажа дека повеќе од 60 проценти од испитаниците очекуваат Црна Гора да остане независна и на евроатлантскиот пат по изборит

В четврток на дневен ред се дебатите за европската граѓанска иницијатива „Европа ослободена од крзно“, за иднината на фармите во ЕУ, како и за Предлогот на ЕК за препораката за развој на рамковните услови на социјалната економија. 

Во продолжение, Европарламентот ќе гласа за резолуција за нападот врз Израел, за извештаите за најновите случувања во дијалогот Белград-Приштина, вклучително и за ситуацијата во северно Косово и за состојбата со владеење на правото во Малта, како и за Европска протеинска стратегија. 

Истиот ден, претседателката на Европарламентот Роберта Мецола на пленарната седница ќе го објави лауреатот на овогодинешната награда „Сахаров“ за слобода на мислата. Одлуката за добитникот на наградата ја донесе Конференцијата на претседатели на Парламентот, што ја сочинуваат Мецола и лидерите на пратеничките групи во ЕП. 

За в четврток е закажана и седница на Комисијата за уставни прашања на која шпанскиот министер за надворешни работи, ЕУ и соработка Хозе Мануел Албарес Буено ќе ја презентира програмата за претседавањето на Шпанија со Унијата, а предвидено е и разгледување на Предлозите на Европскиот парламент за измена на Договорите на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан