• недела, 24 ноември 2024

Намерно оштетен главниот цевковод за водоснабдување на селото Видовиште во општина Зрновци

Намерно оштетен главниот цевковод за водоснабдување на селото Видовиште во општина Зрновци

Кочани, 7 август 2023 (МИА) – Со примена на сила и алат, непознат сторител сериозно го оштетил главниот цевковод на водоводот за селото Видовиште во општина Зрновци, поради што отежнато е водоснабдувањето на месното население. 

На местото каде што е предизвикан дефектот забележливо е намерно оштетување на цевката, за да се оневозможат напорите на Општина Зрновци да обезбеди доволна количина исправна вода за пиење на месното население.

Настанот е пријавен кај надлежните органи, а по направениот увид се очекува соодветна постапка за откривање и санкционирање на сторителот на овој вандалски чин.

- Оштетувањето е направено вчера попладне, а денеска Општина Зрновци и ЈКП „Водна кула“ поднесоа кривична пријава против непознат сторител заради уништување на главниот цевковод во Видовиште, во близина на манастирот „Св. Спас.“ Во време кога Општината вложува средства и гради нов цевковод за постојано водоснабдување на домаќинствата во селото, некој повторно прави оштетување со што без вода останаа овдешните жители. Апелираме до полициските истражни органи и до Основното јавно обвинителство што побрзо да преземат соодветни постапки за откривање на сторителот, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Минатиот месец заврши изградбата на новиот цевковод во должина од илјада метри и пречник од 125 милиметри, на потегот од зафатот на Видовишка Река до резервоарот за водоснабдување на Видовиште. Притоа капацитетот на водоводот беше зголемен за четири пати, но веќе двапати имаше намерно онеспособување со кршење на вентилите и на главната цевка. та/сх/

Фото: Општина Зрновци

Остани поврзан