• петок, 27 декември 2024

Намалување на бројот на новозаразени во Куманово, од денеска ПЦР-тестовите ќе се прават во Центарот за јавно здравје

Намалување на бројот на новозаразени во Куманово, од денеска ПЦР-тестовите ќе се прават во Центарот за јавно здравје
Куманово, 1 јуни 2021 (МИА) - Надлежните од Центарот за јавно здравје Куманово, денеска информираа дека евидентно е намалувањето на бројот на новозаразени од коронавирус, но сепак, нагласуваат дека граѓаните мора да ги почитуваат препораките и да се вакцинираат. Во моментов активни се 110 случаи на заболени. - Во текот на 21 недела имаме видливо намалување на бројот на заболени на ниво на Центарот за јавно здравје Куманово. Вкупно има само 19 заболени од кои 18 од Куманово и еден од Липково. Во споредба со минатата недела кога имавме 28 и видливо е намалување. Инциденцата последниве недели во однос на претходните бележи намалување од 74, 7 проценти, има тројца починати, изјави доктор Јадранка Стаменковска. Таа апелира граѓаните да се вакцинираат, но и да ги почитуваат мерките, носење маски во затворено, одржување дистанца. Во овој период полесно се следат контактите, екипите внимаваат да не се појави кластер, но намалување има и на прегледи и во дневната амбуланта и хоспитализирани во болницата. Директорот на Центарот за јавно здравје, Ариф Љатифи, изјави дека од денеска молекуларната лабораторија почнува со PCR тестирања за Ковид 19. - Сите што ќе имаат упат од матичен лекар ќе бидат покриени од Фондот за здравствена заштита. Тие што немаат упат сакаат приватно да направат тестови исто така ќе можат, различни се цените. Досега имаше само пункт за земање брисеви ги носевме во Институтот за јавно здравје во Скопје а од денеска сами ќе ги правиме тестовите. Пред неколку месеци започнавме со опремување на лабораторијата, и чекавме одобрение од Министерството за здравство за да го започнеме тестирањето. Инвестицијата е на Центарот за јавно здравје и дел е од Фондот за здравствено осигурување. изјави Љатифи. Дане Милошевски, специјалист по микробиологија од Центарот за јавно здравје информираше дека на овој начин граѓаните од североисточниот регион нема да прават трошоци за патување до Скопје. - Цените се различни, приватните 1.850 денари за пациенти кои ќе бараат резултат без превод, за патување во странство е 2.000 денари и со превод и сертификат на англиски 2.200 денари и уште еден супербрз тест кој за еден час е резултатот тој е 3.000 денари, изјави Милошевски. Од Центарот појаснија дека во наредниот период ќе работат двосменски за испитувањата. ам/аа/

Остани поврзан