• четврток, 26 декември 2024

Намален бројот на регистрирани земјоделци од 90 000 пред десет години на околу 65 000

Намален бројот на регистрирани земјоделци од 90 000 пред десет години на околу 65 000

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога изнесуваше 90 000, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140 000 грла крупен добиток иако пред речиси една деценија имаше 260 000, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. 

Трипуновски денеска, на прес-конференција, рече дека Владата се занимава со исплаќање заостанати субвенции кои требало да бидат тековно исплатени кон сите земјоделци.

На новинарско прашање, кое е најоптимистичкото сценарио или за колку време би се вратила состојбата на македонското земјоделство како пред 10 години, Трипуновски е дециден дека за да се покажат првите резултати, мора да помине барем една производна година.

Според министерот, идната година приоритет ќе бидат стратешките култури, пченицата, јачменот, пченката, градинарството, како и сточарското и млекопроизводството.

-Од претходната неуспешна влада наследивме ситуации кои таа ги креираше. Сега ги залечуваме раните, ги враќаме состојбите во нормала. Од наредната година ќе имаме сериозни показатели дека навистина имаме зголемено земјоделско производство. Сега, практично, исплаќаме заостанати субвенции што требало да бидат тековно исплатени и тоа е една од причините зошто нашето земјоделство има сериозен пад. Затоа и повеќе увезуваме од што произведуваме, а ги имаме сите предиспозиции за квантитетно и квалитетно земјоделско производство. Она што изминатите шест месеци Владата и Министерството го покажаа кон земјоделците е враќање на нивната доверба кон институциите. Историската исплата што ја реализиравме кон македонските земјоделци е показател дека навистина сме посветени Македонија да ја вратиме да биде лидер во земјоделското производство. Со новите програми што ги проектираме за 2025-та и со оваа историска исплата што ја правиме годинава, праќаме сигнал дека навистина сакаме и ќе бидеме сериозен партнер на земјоделците, рече Трипуновски.

Тој напомена дека Владата со ребалансот и со пренамена на други програми, со префрлање средства на сметката на Платежната агенција, ги затвори сите заостанати обврски наследени од претходната власт.

-Имаше заостанати обврски за 2023, 2022, 2021, па дури и за 2020 година. Сега ја затвораме календарската 2023-та и имаме сериозна исплата на субвенции од тековната 2024 година. Вкупно 1 700 000 денари се за исплата за 2024 година. Ова никогаш не се случило во македонското земјоделство, покажуваме дека навистина и премиерот и Владата и Министерството со оваа финансиска инјекција за македонските земјоделци сакаме да го вратиме секторот таму каде што некогаш беше, подвлече Трипуновски.

Министерот порача дека фокус во Програмата за 2025 година ќе биде се што дозволуваат климатските услови во земјава за квалитетен производ. мч/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан