• петок, 26 јули 2024

Наим Исмаили од Движење Беса, избран за нов претседател на Советот на Општина Тетово

Наим Исмаили од Движење Беса, избран за нов претседател на Советот на Општина Тетово

Тетово, 23 јули 2024 (МИА) – На денешната 35 седница на Советот на Општина Тетово, за нов претседател беше избран Наим Исмаили, досегашен советник од редовите на Движење Беса.

До избор на нов претседател дојде поради тоа што досегашниот претседавач Бесар Дурмиши од Движење Беса, минатиот месец беше назначен за министер за економија во новата Влада.

За изборот на Наим Исмаили гласаа 19 советници, 11 беа воздржани. Гласаа советниците од Движење Беса, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и Алтернатива.

- Ви благодарам на довербата, што ме избравте за претседател на Советот на Општина Тетово. Позицијата претседател на Совет за мене не е привилегија туку напротив е задача која ќе ја извршувам а при тоа почитувајќи ја слободата на изразување, земајќи ги предвид критиките, советите и позитивните сугестии, без да правам разлика на политичката и етничката припадност на колегите советници од позиција или позиција во Советот. Ќе ги поддржувам проектите кои се донесени и кои допрва треба да се донесат во соработка со градоначалникот на Општината, донесување решенија во рамки на со цел за што поквалитетни услуги на граѓаните, истакна во првото обраќање пред советниците, новиот претседател Наим Исмаили.

Советот на општина Тетово брои 31 член, од кои Движење Беса има 12 советници, ДУИ 11, четворица се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ има двајца советници, а по еден имаат ДПА и Алтернатива. ас/цр

Фото: МИА 

 

Остани поврзан