• четврток, 26 декември 2024

Наим Бајрами: Врховниот суд ги потврди наводите на Слободан Богоевски

Наим Бајрами: Врховниот суд ги потврди наводите на Слободан Богоевски
Скопје, 14 јануари 2022 (МИА) - Врховниот суд ја отфрли како неоснована тужбата за клевета на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери против екс-разузнавачот Слободан Богоевски, поврзано со неговото сведочење за случајот „Маџар Телеком“, изјави денеска на прес-конференција Наим Бајрами од Алијансата за Албанците. Тој нагласи дека тужбата за клевета беше директно поврзани со сведочењето на Богоевски на судењето во Њујорк, што, според него, подразбира дека Судот ги потврдува неговите наводи, а ги одбива тврдењата на Ахмети и Џафери. - Ние остануваме при нашите ставови дека судството во земјата е политизирано, но овој пат нивната намера наиде на тврда пречка, затоа што од спротива ја имаат американската правда. На оваа правда нема да можете да и избегате, а освен корумпираните политичари, наскоро одговорност ќе сносат и судиите и обвинителите кои ги одолговлекувале, криеле и амнестирале нивните криминални дејствија, изјави Бајрами. Според него, заменик помошникот на американскиот државен секретар за Јужна и Централна Европа, Габриел Ескобар, најавил дека црната листа на САД „ќе биде дополнета и со други имиња од политиката од земјите на Балканот“. - Бидете убедени дека од оваа правда нема да можат да ве спасат ниту Сваровски, ниту Луис Витон судиите и обвинителите. Правдата ќе ги достигне и ќе ги погоди и мечките на ДУИ заштитени од последователните режими во земјата, додаде Бајрами. Како што претходно јави МИА, Врховниот суд ја одби како неоснована тужбата за клевета поднесена од Али Ахмети и Муса Џафери против поранешниот разузнавач Слободан Богоевски. Судечкиот совет на Судот одлучи тужителите да се задолжат на тужениот да му ги надоместат трошоците за одговор на ревизијата во вкупен износ од 32.424 денари, во рок од 15 дена по приемот на пресудата, се вели во пресудата на Врховниот суд. Ахмети и Муса Џафери го тужеа екс-разузнавачот Богоевски дека ги наклеветил во своето сведочење пред американската Комисија за хартии од вредност, во постапка што се водела пред Окружниот суд во Њујорк во 2014 година. оџ/сп/

Остани поврзан