• среда, 25 декември 2024

Над 800 ученици во Аеродром ќе добијат бесплатни таблет уреди

Над 800 ученици во Аеродром ќе добијат бесплатни таблет уреди

Скопје, 1 ноември 2022 (МИА) - Во основното училиште „Блаже Конески“ денеска започна реализацијата на проектот за доделување на бесплатни таблети, во рамки на кој повеќе од 800 четвртодделенци од Општина Аеродром ќе добијат бесплатни таблети.

Градоначалникот на Аеродорм, Тимчо Муцунски, коj присуствуваше на доделување на таблетите, истакна дека станува збор за проект кој ќе го олесни и унапреди образовниот процес. Производител на таблетите е „Амазон“. Вкупна вредност на проектот изнесува над пет милиони денари, средствата што се целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром.

- Ставајќи ја во прв план важноста на дигитализацијата во образовниот процесот, а имајќи предвид дека учениците се уште немаат добиени учебници од Владата и Министерството за образование и наука, Општина Аеродром донесе одлука проектот да започне да се реализира веднаш и истиот да продолжи и во следните години. Денешниот настан, но и активностите кои ќе се реализираат во останатите училишта се уште еден доказ дека цврсто стоиме на своите заложби за обезбедување модерен и современ образовен процес во кој дигиталните алатки ќе бидат подостапни до учениците, изјави  Муцунски.

Од Општината посочуваат дека проектите што се реализираат во образованието се една нова насока, која подразира современ, модерен и технолошки процес во кој главниот фокус е ставен на обезбедување подобри услови за учениците.

Оттаму појаснуваат дека сите училишта на територијата на Општина Аеродром биле опремени со смарт-табли, на крововите биле поставени фотоволтаици, а од денеска, како што нагласуваат секое дете добива и бесплатен таблет.

- Заврши целосната реконструкција на ООУ „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче почна со проектот за надградба на капацитетите, а ООУ „Блаже Конески“ доби нова фасада и проект за доградба. Реконструирани беа внатрешните делови од ООУ „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, додека пак „Браќа Миладиновци“ ја добива првата училница на отворено, нов современ спортски терен, како и почеток на процесот за негова модернизација. Во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ беше направен најголемиот Велодром во Скопје, како и нови терени за фудбал и кошарка, информираат од Општина Аеродром. сст/сп/

Остани поврзан