• среда, 18 декември 2024

Над 30 лица загинаа во поплави и одрони во Индонезија и Малезија

Над 30 лица загинаа во поплави и одрони во Индонезија и Малезија

Џакарта, 29 ноември 2024 (МИА) -Најмалку 31 лице загинаа како последица на поплави и одрони во провинцијата Северна Суматра, Индонезија, каде локалните власти прогласија вонредна состојба, објави ДПА.

Стихијата зафатила повеќе региони, а некои населби се отсечени бидејќи одроните ги прекинале патиштата што водат до нив, соопшти агенцијата за справување со вонредни ситуации.

Спасувачките екипи се обидуваат да ги расчистат погодените области и да обезбедат пристап до блокираните жители, истовремено трагајќи по исчезнати лица. За раселените граѓани се обезбедени привремени засолништа.

Индонезија се соочува со годишен монсунски период, кој често предизвикува обилни дождови и тешки поплави, особено во ниските и густо населени области како Северна Суматра.

Експертите предупредуваат дека сечата на шуми и несоодветното урбанистичко планирање ја влошуваат состојбата, намалувајќи ја способноста на земјиштето да апсорбира вода и зголемувајќи ја ранливоста на одрони.

Во Малезија, пак, загинаа четири лица, а 80.000 се погодени од поплавите. Повеќе од 80.000 лица се евакуирани во 467 привремени засолништа низ седум погодени држави.

Се очекуваат нови обилни врнежи низ целата земја и утре, соопшти портпарол на метеоролошката служба.

Поплавите во Малезија се годишен феномен поради североисточниот монсун, кој носи силни дождови од ноември до март. Властите предупредуваат дека поплавите би можеле да бидат потешки отколку во 2014 година, кога повеќе од 100.000 лица ги напуштиле своите домови. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан