• среда, 25 декември 2024

Над 150.000 Грци досега гласале преку пошта за евроизборите в недела

Над 150.000 Грци досега гласале преку пошта за евроизборите в недела

Атина, 4 јуни 2024 (МИА) – Бројот на коверти со поштенско гласање за европските избори в недела што пристигнале во Министерството за внатрешни работи на Грција, досега надминува 150.000, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за изборниот процес, од вкупниот број пристигнати коверти, околу 39.300 се од Грци кои живеат во странство, додека пак процените се дека од пријавените 202.000 граѓани, поштенски гласале околу 180.000.

Ковертот со гласањето по пошта потребно е да стигне најдоцна до сабота попладне, а во спротивно, оние кои се пријавиле за поштенско гласање, а не го сториле тоа, во сабота навечер, ќе добијат смс порака од Министерството за внатрешни работи со која ќе бидат информирани дека ќе можат регуларно да го остварат правото на глас на гласачко место.

Во однос на резултатите од европските избори, се очекува првичните официјални да бидат соопштени околу 21 часот, односно два часа по затворањето на гласачките места, кога ќе се знае и колку партии го поминале изборниот праг од три отсто и обезбедиле место во Европскиот Парламент.

Грција одбира вкупно 21 европратеник, а на изборите учествува 31 партија со над 1.100 кандидати. ср/

Остани поврзан