• среда, 25 декември 2024

Над 1.000 вработени во Твитер, наводно, имале пристап до туѓи профили

Над 1.000 вработени во Твитер, наводно, имале пристап до туѓи профили
Вашингтон, 24 јули 2020 (МИА) - Двајца поранешни вработени во Твитер тврдат повеќе од илјада вработени во компанијата и компаниите со коишто таа соработува, годинава имале пристап до внатрешни алатки кои овозможуваат измени во поставките за кориснички профил, а со тоа и контрола над него. Сѐ ова на Твитер ќе му ја отежнува одбраната од обвинувањата за одговорноста за минатонеделното хакирање, сметаат познавачи. Твитер и ФБИ во овој миг ги истражуваат пропустите што им овозможија на хакери да објавуваат пораки од автентични профили, како што се оние на Џо Бајден, Бил Гејтс, Елон Маск и Мајк Блумберг. Твитер минатата сабота соопшти дека сторителите „манипулирале со мал број вработени и ги користеле нивните строго доверливи податоци“ со цел да се најават и да користат внатрешни алатки на 45 туѓи профили. Во средата, компанијата соопшти дека хакерите можеле да читаат директни пораки од 36 профили, но не ги идентификуваа корисниците погодени од овој инцидент. Поранешни вработени во Твитер, запознаени со безбедносните политики и практики на компанијата, тврдат дека премногу луѓе би можеле да сторат такво нешто - над илјада само годинава, вклучително и вработени во некои други компании со коишто Твитер соработува, како што е „Когнизант“. Оттаму, како и Твитер, одбија да ги коментираат овие наводи. Твитер објави дека компанијата бара нов директор на безбедносниот сектор, со цел подобри и побезбедни системи за заштита, како и обука на своите вработени за тоа како да одолеат на манипулациите што доаѓаат однадвор.  си/

Остани поврзан