Надзорна расправа за аерозагадувањето: Мониторинг и инспекција, казни и нулта корупција се клучни за заштита на животната средина
- -Општините и тоа како се одговорни за квалитетот на воздухот, бидејќи ако не повеќе ама барем половина од инсталациите на нивната територија тие ги регулираат со давање на дозволи и одобрување на елаборати за заштита на животна средина и понатаму ги инспектираат. Жално е што општините немаат локални инспектори, не сакаат да ги имаат затоа што на тој начин ќе се замерат со оние кои донираат средства во нивната политичка партија за време на избори, рече Петровска.

Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“ на надзорната расправа во Собранието се осврна на негативните ефекти од аерозагадувањето врз животот и здравјето на луѓето со што нашата држава, рече, е на самиот врв во Европа. Соопшти податок дека во 2022 година, како последица од енормно загадениот воздух, 3600 луѓе починале предвреме што, како што рече, е 16 отсто од вкупниот број починати во таа година.
На расправата, што денеска ја организира собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, зборувајќи за изворите на загадување, таа ги посочи горивата, загревањето, согорувањето, индустријата... Притоа рече дека „заблуда кај нас е дека домаќинствата што се загреваат на дрва не загадуваат“.
Според Пописот од 2021, на дрва се греат 40 000 домаќинства, и затоа се потребни, рече Чакулев, иновативни пристапи и да се таргетираат изворите со што по неколку години ќе се забележат ефекти во справувањето со загадувањето. За ПМ 10 и ПМ 2,5 суспендираните честички, Чакулев рече дека се класифицирани како канцерогени „без разлика што содржат во себе“.
- Не е битно што содржат во себе, самите по себе покренуваат такви процеси во човечкиот организам кои се класифицирани како канцерогени. Тешките метали, што на пример индустријата, нафтата и мазутот ги испуштаат, се исто канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад, кои, на пример, не мора да покажат покачување на ПМ честичките во воздухот. Но ние можеме да осетиме огромна смрдеа која задушува и да има огромно ослободување на овие диоксини и фурани кои се неверојатно канцерогени, а остануваат во воздухот и природата, и се таложат во организмот, рече Чакулев.
Според неа, кај нас е проблем мониторингот и инспекцијата која треба да утврди дали е правилен монтиторингот врз индустријата. Како што рече, недостигаат вонредни инспекции во соработка со акредитирани лаборатории кои ќе бидат независни за да се избегне судир на интереси.
На пратеничко прашање дали увозот на стари возила значително придонесува во аерозагадувањето, одговори дека не е проблем само увозот, туку „проблем имаме и со нашиот опасен отпад кој се создава во земјава“.
Игор Смилев од Здружението „Грин пауер“ од Велес и советник во Општина Велес ги наброи локалните проблеми од кои, рече, произлегуваат и глобалните проблеми во екологијата. Покрај тоа што има само 14 државни инспектори, Велес како и други општини немаат локален инспектор за животна средина.
Велес нема локален инспектор, рече, иако пресушува река Бабуна поради дивоградби и микроклиматските промени и пресушува езерото „Младост“. Според него, и кога има огласи, инспектори не се јавуваат „затоа што тоа значи пресметка со локалната еко мафија“.
Смилев соопшти и дека наместо две кои постоеле претходно, сега во Велес има само една државна мерна станица за мерење на загадувањето. Од 365 дена во годината, 135 дена во Велес се со над дозволени граници на загадување „и секој трет ден Велес дише токсичен воздух“.
На одговорност ги повика сите политички фактори досега и сите нивоа на власт за немањето желба, волја и идеи да се најде решение за деценискиот проблем.
- Убедливо сме најголеми рекордери по загадување на воздухот во Европа. Смртноста ќе ја намалиме само ако воведеме контролни механизаим и ако имаме нулта корупција, рече меѓу другото претставникот од Здружението „Грин пауер“ од Велес.
Ана Петрова од Зелен институт и поранешен инспектор, во своето излагање се осврна на горивото што се увезува во државава кое главно, рече, доаѓа од Западна Европа и Грција. Како што рече, „не знаеме какво гориво гориме“ и апелираше сите политички субјекти да се здружат за да се анализира целата легислатива која ги регулира сите закони за да се воспостави протокол за контрола на квалитетот на горивата.
- Имаме порозна царина која има законско овластување да следи само сулфур во горивото додека другите параметри треба да ги мери Пазарниот инспекторат. Но, тој не е надлежен да го мери квалитетот на царина, само на складиште и таму каде што се користи од возилата, но не и во јавни објекти и индустријата. Инспекторатот за животна средина не мери квалитет на гориво, туку често се задоволува со присуство на терен со испитување на документација наместо со себе на вонредни надзори да води акредитирана лаборатории и да мери емисии, рече Петровска.
Државата заедно со индустријата, посочи таа, треба да одвои пари за целосна реконструкција на производниот сектор за да се направи револуција во заштита на воздухот. Таа ја посочи и одговорноста на локалната самоуправа.
- Општините и тоа како се одговорни за квалитетот на воздухот, бидејќи ако не повеќе ама барем половина од инсталациите на нивната територија тие ги регулираат со давање на дозволи и одобрување на елаборати за заштита на животна средина и понатаму ги инспектираат. Жално е што општините немаат локални инспектори, не сакаат да ги имаат затоа што на тој начин ќе се замерат со оние кои донираат средства во нивната политичка партија за време на избори, рече Петровска.
Како поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина, таа посочи дека тој уште долго време нема да може да се екипира и ги посочи причините.
- Затоа што за да се вработат нови инспектори, тие треба да имаат лиценци. А во моментов имаме четворица или петмина луѓе кои по грешка полагале за да добијат лиценца и воопшто немале намера да се ангажираат како инспектори. Оваа држава итно треба да вложи во мотивирање на луѓето да си добијат лиценца за инспектор во животна средина. Понатаму, треба да се совладаат сите државни бариери коишто државата самата си ги поставува за да оневозможи вработување, рече Петровска, додавајќи дека тоа било меѓу главните предизвици, но не успеала, рече, во 10-те месеци на чело на Инспекторатот да вработи ниту еден инспектор.
На надзорната расправа претставник на „Екосвест“ се осврна на загадувањето од оџаците на РЕК Битола и емисиите од сулфур диоксид кои влијаат штетно на здравјето на луѓето, особено во зголемување на респираторните болести. Етапно преминување на РЕК Битола кон обновливи извори на енергија, рече тој, е еден од начините за надминување на проблемот.
Повика фокусот да се стави на енергетска ефикасност и на горивата што ги користат јавните институции и домаќинствата и сериозно да се размислат проектите за хидроцентрали, гасификација и декарбонизација.
Надзорната расправа ќе продолжи во 15 часот, по едночасовна пауза, со сослушување овластени претставници и сведоци поделени во шест сесии – невладини организации, академската заедница, единиците на локалната самоуправа, јавни институции, владини претставници и приватен сектор. хс/бак/
Фото: Принтскрин