• среда, 27 ноември 2024
На денешен ден
17 февруари 2022 (МИА)   - Ден на македонското новинарство 1600.- По пресудата на инквизицијата на плоштадот Кампо деи Фиори во Рим бил запален Џордано Бруно, италијански филозоф, типичен претставник на антисхоластичката ренесанса на филозофијата. Ги негирал христијанските догми, сметал дека филозофијата и теологијата се неспоиви и многу му се спротивставувал на христијанското сфаќање на Господ како личност. Создал пантеистичка теорија според која се се состои од вечното движење. Во науката за вселената го отфрлил учењето на Аристотел и на Птоломеј и ја прифатил науката на Коперник. Поради своите слободарски идеи дошол под удар на инквизицијата која, по седумгодишна истрага, во Рим конечно го запалила. Роден бил во Нол, во 1548 година. 1766.- Роден е англискиот економист и демограф Томас Роберт Малтус, познат по „законот за население“, според кој тоа се зголемува геометриски, а производството на храна со аритметичка прогресија. 1864.- Јужната подморница „Ханли“ во Американската граѓанска војна во Чарлстон во Јужна Каролина со торпедо го потопи северниот брод „Хустаник“, што се смета за прв успешен напад на подморница врз воен брод во историјата. 1893.- Во Лимарес е роден Андрес Сеговија, еден од најпознатите шпански музичари, гитарист, кој ја пренесол славата на шпанската гитара низ целиот свет. Умрел во Мадрид, на 2 јуни 1987 година. 1909.- Умрел индијанскиот поглавар Гојатлај „Оној кој се проѕева“, познат како Џеронимо, последниот поглавар на племето Апачи кој и се предал на американската војска. Непосредно пред смртта во тврдината Форт Сил во Оклахома, ја издиктирал биографијата „Џеронимо: неговата лична приказна“. 1916.- Британските и француските сили за време на Првата светска војна ја окупирале дотогашната германска колонија Камерун. 1946.- Во Скопје било основано Здружението на професионалните журналисти во Македонија. За прв претседател бил избран Мито Хаџивасилев - Јасмин. 1947.- Во Битола почнало со работа Нижото музичко училиште, кое во 1962 година прераснало во Средно музичко училиште. 1952.- Во Скопје умрел Ангел Динев, македонски општественик и публицист, бескомпромисен борец против сите негирања на македонската национална историја, односно на македонскиот национален посебност. Неговата книга „Македонските Славјани“ одиграла значајна улога во популаризирањето и смелото истакнување на македонскиот национален индивидуалитет. Роден бил во селото Смоквица, Гевгелиско, на 1 октомври 1891 година. 1982.- Премиерот на Зимбабве Роберт Мугабе го исклучил од владата главниот сојузник и водач на партијата ЗАПУ Џошуа Н`комо, осомничен за заговор. 1989.- Умрел францускиот моден креатор Ги Ларос, еден од најголемите "модни креатори" на 20 век. 1992.- Генералниот секретар на ОН Бутрос Бутрос-Гали препорачал разместување на 13.000 припадници на мировните сили на светската организација во поранешна Југославија. 1994.- Потврдена била смртта на првиот избран претседател на Грузија - Звијад Гамсахурдиј, чие распаднато тело било пронајдено и идентификувано. 1995.- Умрел Благоја Корубин, македонски научен работник на полето на македонскиот литературен јазик. Роден бил во Прилеп, на 1 март 1921 година. 1998.- Во Вилфлинген умрел Ернст Јунгер, германски писател кој бил замешан во заговорот за атентат врз Хитлер на 20 јули 1944 година. Во германската војска служел во двете светски војни. Напишал повеќе романи со воена тематика. 2006.- По дводневните обилни врнежи, река од кал го затрупале селото Гвинсахугон на јужнофилипинскиот остров Лејти. Загинале повеќе од 1.700 луѓе. 2007.- Умрел Морис Папон, единствениот француски нацистички функционер кој бил осуден заради учествување во прогонот на Евреите. Во 1998 година билосуден на 10 години затвор. Тврдел дека ништо не знаел за холокаустот и дека го помагал Движењето на отпорот. Пребегнал во Швајцарија, но тамошната полиција и го испорачала на Франција. Поради слабото здравје во септември 2002 година бил ослободен. 2008.- Најмалку 80 лица загинаа, а десетина биле повредени во нападот на бомбаш-самоубиец во Кандарах, главниот град на истоимената провинција на југот на Авганистан. Бомбашот-самоубиец го детонирал експлозивот додека се наоѓал меѓу масата луѓе кои ја гледале борбата на кучиња во западниот дел на градот. 2008.- Привременото собрание на Косово ја усвоило Декларација за независност на таа српска покраина. Со Декларацијата Косово било прогласено за независна и суверена држава, формирана врз основа на планот на Марти Ахтисари. 2020.- На 74-годишна возраст почина Лари Теслер, ИТ експерт кој ги дизајнираше опциите cut, copy и paste на нашите компјутери. Покрај споменатите опции, тој, исто така, ги создаде и опциите find и change, како и многу други дигитални алатки кои ги користиме секојдневно. Роден е во Бронкс, Њујорк, во 1945 година. Студирал компјутерски науки на универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Во текот на својата кариера, тој се фокусирал на развој на програми во врска со човечката интеракција со компјутерот. Работел во Амазон, Епл, Јаху и Центарот за истражување на Xerox во Пало Алто.   ###

Остани поврзан