• сабота, 16 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
1 септември 2021 (МИА) 1159.- Умре папата Хадријан IV, роден Николас Брејскпир. Тој е единствениот Англичанец во историјата на римокатоличката црква избран за нејзин поглавар во 1154 година. 1715.- Умре францускиот крал Луј XIV, познат како "крал на Сонцето". По смртта на неговиот татко Луј XII во 1643 година на петгодишна возраст го презеде престолот. Владееше 72 години, најдолго во историјата на Европа. Војуваше во многу војни, со променливи успеси, за да обезбеди хегемонија во Франција. Го изгради дворецот во Версај. 1822.- Роден е американскиот политичар и свештеник од африканско потекло Хајрам Роунд Ревелс, прв црнец кој стана член на Конгрес на САД. 1854.- Роден е германскиот композитор Енгелберт Хампердинк, професор на Конзерваториумот во Барселна, Келн, Франкфурт на Мајна и во Берлин. 1859.- Во Сењ е роден Вјенцислав Новак, еден од најплодните хрватски писатели, музичар и композитор, по потекло Чех. Најпознати се неговите дела „Тито Дорчиќ“, „Последните Стипанчиќи“, „Два света“ и други. Умре во Загреб, на 20 септември 1905 година. 1870.- Во битка кај Седан во Француско-пруската војна, Прусите под команда на фелдмаршалот Хелмут фон Молтке им нанесоа тежок пораз на трупите на францускиот цар Наполеон III, со што им се отвори патот кон Париз, како и победата во таа војна. 1875.- Роден е американскиот писател Едгар Рајс Бароуз. Бароуз е познат по сериите со ликот на Тарзан, кои се преведени на 60 јазици. 1990.- Велика Британија ја анектира Јужноафриканската унија. Во 1960 година Унијата го промени името во Јужноафриканска Република. 1916.- Бугарија во Првата светска војна и објави војна на Романија. 1918.- Во Мурманск, Русија, во воз е убиен Гаврил Константинович, македонски лекар, револуционер и општественик, истакнат деец и еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија. Роден е во селото Смрдеш, Костурско, на 4 мај 1878 година. 1920.- На иницијатива на Месната организација на КПЈ во Скопје е одржан протестен митинг против предизборниот терор и против фалсификувањето на изборите со општинските избори во Македонија. Усвоена е резолуција за поништување на фалсификуваните избори, пуштање на мобилизираните војници, како и давање глас на сите граѓани. Под притисок на протестот властите во Кралството Југославија во некои општини ги поништија изборите и распишаа нови. 1922.- Роден е италијанскиот актер Витори Гасман, еден од најистакнатите италијански филмски и театарски актери во 20. век. 1923.- Во земјотрес што потполно го разори јапонскиот град Јокохама и скоро го уништи Токио, загинаа најмалку 142.000 лица, а 2,5 милиони лица останаа без покрив над глава. 1928.- Албанија е прогласена за Кралство. 1939.- Нацистичка Германија без објавување на војна ја нападна Полска. Неочекуваната операција на моторизираните германски сили во Полска го означи почетокот на Втората светска војна. 1943.- Во Корештата, Костурско, е формиран македонскиот партизански одред "Лазо Трповски". 1944.- Втората македонска НОУ бригада ја нападна железничката станица Богомила, Велешко, ја разурна станицата и зароби 40 бугарски војници, меѓу кои и двајца офицери. 1944.- Првата македонска НОУ бригада ги нападна балистичките сили и го зазеде Кичево. Меѓутоа, кога непријателот присобра сили и од правецот на селото Дреново ја нападна од грб, таа го напушти градот и се повлече во Дебрца. По патот ги нападна германските обезбедувања крај железничката станица Пресека, кај селото Сливово и кај селото Ботун, ги протера и им причини загуби од осум мртви и пет заробени војници, а кај Кичево загубите на непријателот беа значително поголеми. Бригадата имаше 12 мртви и 18 ранети борци. 1944.- Десеттата македонска НОУ бригада го разурна тунелот кај селото Богомила и сите мостови на пругата Богомила - село Мажучиште, Прилепско. Со тоа пругата Прилеп - Велес до ослободувањето на Македонија беше онеспособена за сообраќај. 1960.- Формирана е Редакцијата на Телевизија Скопје и е снимена првата телевизиска вест што се емитуваше преку мрежата на ЈРТ, со што де факто се роди Македонската телевизија меѓу првите на Балканот. Во Редакцијата беа Димче Божиновски - уредник, Драги Аргировски и Димче Марковски - новинари и Благоја Прличков и Димче Гечевски - сниматели-камермани. Од тој ден Редакцијата секојдневно подготвуваше телевизиски извештаи од сите значајни настани во Македонија и телевизиски прилози од стопанскиот, образовно-културниот и спортскиот живот. 1961.- Во Белград почна Првата конференција на шефови на држави и на влади на неврзаните земји, на која присуствуваа претставници на 25 земји и 40 антиколонијални и ослободителни движења. Тоа беше историски настан со кој неврзувањето прерасна во организирана борба за мир и за правдина. 1962.- Во земјотрес во северозападен Иран загинаа 12.000 лица. 1967.- Умре рускиот писател и воен репортер Иља Григорјевич Еренбург, голем познавач на руската и западноевропската култура. Напиша 50-ина книги во кои на духовит начин ги изразува мислите за револуцијата, политиката, љубовта и спротивностите во цивилизацијата по Втората светска војна. 1967.- Во Белград умре Емануел (Мане) Чучков, македонски општественик, професор и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Ново Село, Штипско, на 27 ноември 1901 година. 1969.- Група офицери на чело со полковникот Моарем Гадафи го собори од власт кралот Идриз Први. По ова, Либија е прогласена за Република. 1970.- Во Париз умре Франсоа Шарл Моријак, француски писател и публицист. Познати негови дела се „Пустината и љубовта“, „Тереза Декеру“, „Христијанска среќа“, „Змиска топка“, „Дете под товарот на веригите“, „Црните ангели“ и други. Во 1952 година ја доби Нобеловата награда за литература. Роден е во Бордо, на 11 октомври 1885 година. 1972.- Американскиот велемајстор Роберт Фишер во натпревар во Рејкјавик го победи рускиот велемајстор Борис Спаски, со резултат 12,5:8,5 и стана 11. првак во светот во шах. Титулата ја загуби без натпревар на 3 април 1975 година, бидејќи одби да ги прифати условите на Меѓународната шаховска федерација, а за првак на светот беше прогласен рускиот велемајстор Анатолиј Карпов. 1982.- Умре поранешниот полски лидер Владислав Гомулк, а лидер на Полската работничка партија (комунисти) од 1943 до 1948 и од 1956 до 1970 година. 1983.- Советски борбен авион во близина на полуостровот Сахлин го собори јужнокорејскиот авион "Боинг 747" при што загинаа сите 240 патници и 29 членови на екипажот. Јужнокорејскиот авион во шпионска мисија намерно навлезе во советскиот воздушен простор. 1990.- Во Кичево се одржа протестен "Митинг на жедните" за обезбедување вода за пиење за потребите на Општина Кичево. 1992.- Министерството за надворешни работи на Русија официјално предложи Република Македонија да назначи свој официјален претставник во Москва. 1992.- Во Скопје е формирано Македонско здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи. 1993.- Во Женева е отворена Постојаната мисија на Република Македонија при ООН и другите меѓународни организации со седиште во Женева. 1994.- Големото Војводство Луксембург ја извести Република Македонија дека воспоставува дипломатски односи со нашата држава. 1997.- Француската полиција соопшти дека возачот на автомобилот во кој претходниот ден во Париз, со брзина од 190 километри на час, загина британската принцеза Дајана Спенс, имаше во крвта трипати повеќе алкохол од дозволената граница. 2000.- На првиот јужноафрикански самит, 12 шефови на држави ја потпишаа Бразилијанската декларација, во која е вклучена намерата за обединување на два главни трговски блока во Јужна Америка. 2000.- Во Скопје, во издание на ДИД "Магазин" излезе првиот број на списанието "Зум". 2001.- Во експлозија во еден од токиските ноќни клубови загинаа 44 лица. 2003.- Холандија стана првата земја во која е дозволено препишување на марихуана заради ублажување на страдањата на заболените, вклучувајќи ги сидата и ракот. 2004.- Група од 30-ина вооружени исламски терористи, со опасен експлозив, упадна во основно училиште во местото Беслан во Северна Осетија (автономна руска република на северниот Кавказ) и како заложници задржа преку 12.000 деца и возрасни. Повеќе од 340 заложници, повеќето деца, беа убиени во текот на тридневната драма. Лидерот на чеченските сепаратисти Шамил Басајев ја презеде одговорноста за овој терористички напад. ###

Остани поврзан