• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
13 март 2022 (МИА)   1325.- Основан бил градот Теночтитлан, престолнина на државата на Ацтеките. 1781.- Англискиот астроном од германско потекло Вилијам Хершел (1738-1822) неочекувано ја открил седмата голема планета на Сончевиот систем која го добила името Уран. Ги открил двата од петте познати сателити на Уран и на Сатурн. 1860.- Во Словенградец е роден Хуго Волф, австриски композитор, претставник на доцниот романтичарски правец. Најголемиот број клавирски композиции ги пишувал според стихови од познати поети, првенствено од Хајнрих Хајне. Умрел во Виена, на 22 февруари 1903 година. 1881.- Членовите на тајното терористичко здружение „Народна волја“ го убиле рускиот цар Александар Втори Николаевич Романов. Во текот на владеењето, во 1861 година тој ги ослободил селаните од феудалните обврски, спровел реформи, го реорганизирал судството, управата и војската, и ја проширил државата со освојување на денешните Киргизија, Трукменија, Узбекистан и делови од Кавказ. Го наследил синот Александар Трети, кој владеел со слични методи. 1890.- Во Пловдив умрел Иван Генадиев, македонски писател, композитор и општественик. Тој бил син на преродбеникот Генадиј, митрополит велешки. Основно училиште завршил во Охрид, а средно во Битола и во Цариград. Потоа студирал филологија на Атинскиот универзитет. Како студент пишувал поезија и литургиски творби. Во 1859 година објавил комедија во стихови, а потоа, во соработка со Григор Прличев и збирката гатанки и песни „Свингс“. Роден бил во Охрид, во 1829 година. 1895.- Во Њујорк изгорела лабораторијата на пронаоѓачот Никола Тесла со што исчезнала огромната научна документација која тој со години ја собирал. 1907.- Во Велес е роден Петре Прличко, еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер. Бил припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци и живеел од и со македонското театарско, филмско, радиодрамско и телевизиско творештво, оставајќи зад себе многубројни главни улоги. Умрел во Скопје, на 16 ноември 1995 година. 1928.- Пукнала браната „Ст. Френсис“ на околу 60 километри северно од Лос Анѓелес при што најмалку 450 луѓе се удавиле. 1929.- Во Истанбул е роден Матеја Матевски, македонски поет, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел во Македонската радиотелевизија како новинар, уредник на културните и литературните програми, како главен уредник и директор на Телевизија Скопје и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Исполнувал највисоки должности во книжевниот, културниот и општествениот живот на поранешната СРМ и на Република Македонија. Матевски е член на МАНУ и бил нејзин претседател во периодот 2001-2004 година. Неговиот богат поетски опус е наградуван со врвни книжевни и државни награди во Македонија како и на повеќе значајни меѓународни признанија, а во 2100 година станува и носител на светското одликување „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, втор македонски добитник во историјата на СВП после Блаже Конески. Автор е на непроценлива низа на преводи и препеви на најистакнати светски автори од шпанското јазично подрачје. Најпознати негови стихозбирки се „Дождови“, „Рамноденица“, „Круг“, „Перуника“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Мртвица“, „Црна кула“ и други. 1969.- Стапила во сила Меѓународната конвенција за ликвидирање на сите облици на расна дискриминација. 1975.- Во Белград умрел Иво Андриќ, еден од најголемите писатели на поранешната СФР Југославија. Освен песни во проза ги напишал и прочуените романи „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Госпоѓица“. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1961 година. Роден бил во селото Долац, кај Травник, на 10 октомври 1892 година. 1984.- Во Лондон умрел Арнолд Ридли, еден од најпознатите британски артисти. Познат бил по улогата на војникот Горди во маратонската деветгодишна ТВ-серија „Татковата војска“. Ја напишал комедијата „Воз на духовите“, како и околу триесетина театарски дела. Роден бил во 1896 година. 1986.- Космонаутите Владимир Соловјов и Леонид Кизим станале први членови на екипажот на советската вселенска станица „Мир“. 1990.- Советското собрание го изгласало престанокот на 72-годишниот монопол на власт на Комунистичката партија. 1992.- Северозападна Турција ја зафатил катастрофален земјотрес при што загинале 653, а биле повредени околу 700 луѓе. 1993.- Во Скопје умрел Петар Мазев, македонски академски сликар, еден од најпознатите македонски сликари на 20. век, претставник на експресионизмот. Бил професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје и член на групата „Мугри“. Меѓу најзначајните дела се „Манастирски пејзаж“, „Презреано жито“, „Црвена арабеска“, „Жена“ и други, а од мозаиците најпознат е мозаикот во Спомен-костурницата во Велес. Роден бил во Кавадарци, во 1927 година. 1996.- Во Варшава умрел Кшиштоф Кишловски, полски режисер од светски ранг. За време на својот 28-годишен творечки век снимил голем број документарни и играни филмови, меѓу кои со најзначајните светски филмски признанија, наградени се „Декалот“ и филмовите од трилогијата „Три бои“ - „Сино“, „Бело“ и „Црвено“. Роден бил во 1941 година. 1997.- Во Белград умрел Душан Горенчевски, македонски писател. Автор бил на телевизиската драма „Белиот ѕид“ и на радиодрамите „Самоубијци“, „Црниот круг“. 1998.- Во Скопје умрел Бошко Смаќоски, македонски писател. Од неговото обемно книжевно дело ќе ги споменеме првата поетска книга „Мајски ѕвончиња“, објавена во 1959 година и последната „Лето господово, лето ѓаволово“, објавена во 1998 година. Своите писателски дарови ги споделил повеќе децении како автор на бројни радиотелевизиски проекти на МРТВ. Роден бил во селото Модрич, Дебарско, на 18 септември 1938 година. 2006.- Во Скопје умрел Димитрие Османли, македонски филмски, театарски и телевизиски режисер. На 14 март 1952 година Османли станал првиот македонски дипломиран режисер, а со реализацијата на филмот „Мирно лето“ (1961 година) станал и првиот македонски режисер на игран филм, а воедно и автор на првата македонска ТВ драма „Домот на мојот татко“ и на првиот ТВ филм „Враќање во рајот“. Османли бил прв декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Неговиот творечки опус е мошне богат и за тоа добил многубројни уметнички и општествени награди и признанија. Роден бил во Битола на 29 мај 1927 година. 2013.- Хорхе Марио Берголио од Аргентина бил избран за нов поглавар на Римокатоличката црква. Тој е првиот неевропски папа во изминативе 1300 години, така одлучиле 115 кардинали на конклавата во Систинската капела. Новиот поглавар на Римокатоличката црква избрал име Франциск Први. Хорхе Марио Берголио (76) бил надбискуп на Буенос Аирес. Докторирал во Германија. Ректор бил на филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигуел. За бискуп бил именуван во 1992 година, а претседател на Аргентинската бискупска конференција бил од 2005 до 2011 година. Именуван бил за кардинал во 2011 година.   ###

Остани поврзан