• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
21 јануари 2022 (МИА)   1744.- Во Неапол умрел Џовани Батиста Вико, италијански филозоф. Се сметал за основач на психологијата на културата и на филозофијата на историјата како научна дисциплина. Роден бил во Неапол, на 23 јуни 1668 година. 1793.- Во Париз е гилотиран францускиот крал Луј XVI, кого во септември претходната година, револуционерниот конвент го соборил од престолот, а потоа го осудил на смрт поради велепредавство. По неговото соборување од престолот, Франција е прогласена за република. 1905.- Роден е францускиот моден креатор Кристијан Диор, еден од најголемите „модни диктатори“ во светот по Втората светска војна. 1909.- Во Тетово е роден Тодор Скаловски, македонски композитор, диригент, и еден од најистакнатите претставници на првата генерација македонски композитори и академик. Умрел во Скопје, на 1 јули 2004 година. 1915.- Во Детроит, САД, е основан Кивинис клуб (а значи: ние комуницираме, ние ги разменуваме нашите таленти), неполитички, непрофитна асоцијација на граѓани од светски глас. Во Европа првиот Кивинис клуб е основан во Виена, во 1963 година. Република Македонија станала членка на 5 декември 1996 година. 1919.- Во Даблин, Конгресот на партијата "Шин фејн" усвоил Резолуција за независност на Ирска. Велика Британија го игнорирала тој документ и во 1921 година и дала на Ирска статус на доминион, а во 1949 година ја признала нејзината самостојност, но без Алстер (Северна Ирска). 1924.- Во Нижни Новгород, кај Москва, умрел Владимир Илич Ленин, стратег на Октомвриската револуција и продолжувач на делото на Маркс и на Енгелс. Автор бил на голем број трудови, меѓу кои - "Материјализам и експресионизам", "Развојот на капитализмот во Русија", "Што да се прави", "Априлски тези", "Држава и револуција" и "Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот". Роден бил во Сибирск, на 22 април 1870 година. 1925.- Во Њујорк бил роден Тели Савалас - Коџак (вистинското име му било Аристотелис), американски филмски и ТВ-актер. Умрел во Лос Анѓелес, на 22 јануари 1994 година. 1928.- Умрел американскиот воен инженер Џорџ Вашингтон Геталс, кој ја завршил изградбата на Панамскиот канал и бил прв гувернер на зоната на Каналот. 1933.- Умрел англискиот писател од ирско потекло Џорџ Огастас Мур, автор на релистички и натуралистички романи. Дела: „Модерен љубовник“, „Естер Вотерс“, „Аве“, „Спомени од мртвиот човек“ и „Вале“. 1938.- Умрел францускиот филмски режисер Жорж Мелијес, пионер на светскиот филм. Снимил околу 500 филмови, вклучувајќи го и „Патот до Месечината“, „Сон на еден астроном“, „Гуливеровите патувања“, „Халуцинациите на баронот Минхаузен“, „Освојување на Северниот пол“. 1945.- На Скопскиот аеродром проработил првиот "вистински" среднобранов предавател на територијата на тогашната НР Македонија со сила од 200 вати. 1948.- Умрел италијанскиот композитор од германско потекло Ермано Волф-Ферари, обновувач на италијанската комична опера. Дела: „Четворицата грубијани“, „Љубопитни жени“, „Школо за татковци“, „Сузанината тајна“, повеќе кантати, инструментални композиции. 1950.- Умрел англискиот писател Ерик Артур Блер, познат како Џорџ Орвел. Дела романите „1984“, „Животинска фарма“, „Бурмански денови“, „Никој и ништо во Париз и Лондон“, есеите - „Критички есеи“, „Лов на слонови“, „Англија, ваша Англија“, книгата за Шпанската граѓанска војна „На Катоалонија со љубов“. 1954.- САД ја ставиле во употреба својата прва подморница на нуклеарен погон "Наутилус". 1959.- Умрел американскиот филмски режисер и продуцент Сесил Блаунт де Мил, автор на многу вестерни, мелодрами, комедии и псевдоисториски грандиозни филмови со десетици илјади статисти главно со некој библиски мотив. Филмови: „Вирџинијанец“, „Кармен“, „Малата Американка“, „Не менувај го својот сопруг“, „Десетте заповеди“, „Триумф“, „Кралот на кралевите“, „Чикаго“, „Динамит“, „Во знакот на крстот“, „Клеопатра“, „Авантурите на Бафало Бил“, „Пацифик ескпрес“, „Самсон и Далила“, „Најголема претстава на светот“. 1976.- Првпат во СССР била дадена дозвола за продажба на западните весници "Њујорк тајмс" и "Фајненшл тајмс". 1979.- Во Белград умрел Трајко Прокопиев, истакнат македонски композитор и диригент. Непосредно по ослободувањето го формирал Пејачкиот хор на ГШ на НОВ на Македонија, а во 1945 година станал прв директор на Средното музичко училиште во Скопје. Тој бил еден од главните организатори на музичкиот живот во Македонија. Меѓу другото, бил главен музички уредник на Радио Скопје, диригент на Симфонискиот оркестар на Операта при МНТ, а од 1958 година до 1964 година го водел Ансамблот за народни игри и песни на Македонија "Танец". Роден бил во Куманово, на 6 ноември 1909 година. 1995.- Во Скопје умрел Душко Костовски, македонски драмски, филмски и телевизиски артист. Роден бил во Дебар, во 1930 година. 1997.- Германскиот канцелар Хелмут Кол и чешкиот премиер Вацлав Хавел потпишале Декларација за ставање крај на историскиот спор меѓу двете држави, односно нацистичката окупација на Чехословачка во Втората светска војна и протерувањето на Германците од Судетската област по завршувањето на војната. 2006.- Умрел претседателот на Косово и лидер на косовските Албанци Ибрахим Ругова. 2006.- Умрел Зоран Ковачевски, македонски писател. Автор е на книгите „Охридски приказни“, „Семејна фреска“, „Летачи на метли“, „Аристотел од Ресен“, „Добрина“, „Одмазда“, „Историја на светото дело“, „Пејач“, „Кога ни петлите не пејат“ и други. Роден бил во Светозарево, на 15 април 1943 година. 2009.- Израелската војска и официјално соопштила дека ги повлекува своите војници од појасот Газа. Израелската офанзива била одговор на ракетирањето на југот од земјата од областа Газа. Во текот на тирдневната офанзива во Израел настрадале околу 1.300 Палестинци, приближно 4.000 куќи биле целосно разурнати, а повеќе од 17.000 оштетени. 2012.- На 71-годишна возраст умрел проф. д-р Владислав Милев, примариус, педијатар-имунолог и еден од основоположниците на имунологијата во Македонија. Автор е на бројни научни трудови, публикации и книги од областа на имунологијата. Проф. Милев го формирал Одделот за интензивна терапија на Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар во Скопје и бил негов раководител подолги години. 2015.- На 76 години починал Кемал Монтено, популарен пејач на забавна музика. Во Сараево во 1967 година ја почнал богатата и успешна кариера со настап на фестивалот „Ваш шлагер на сезоната“. Соработувал со голем број познати имиња на поренешната југословенска естрада. Бил роден во 1948 година во Сараево. 2021.- На 89-годишна возраст почина доајенот на Македонската Радио и Телевизија Бранка Станковска. Таа беше првиот радио спикер и првиот ТВ спикер и водител, заедно со ненадминливиот Иван Антонов. Нејзиниот баршунаст глас, неверојатна дикција и мелодика и културата во говорењето се незаменливи и децении подоцна. Пред пет децении токму од Црн Врв е направен првиот директен пренос која таа го отвори. Во Македонската радиотелевизија го поминала целиот работен век (1948-1987). Нејзината најава на првиот телевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 г. е почеток на програмата на ТВ Скопје, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа. Неколку месеци подоцна (на 14 декември) Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски „Весник“, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија. Беше една од најпознатите спикерки и водителки на малиот екран. Нејзината врвна заложба беше да се негува и сочува македонскиот литературен јазик до совршенство. Таа едуцираше многу кадри новинари и спикери на МРТВ, токму со таа молба и желба која постојано ја повторуваше: Негувајте го и чувајте си го македонскиот јазик!   ###

Остани поврзан