6 мај 2022 (МИА)
1626.- Холандскиот доселеник Питер Минуит од Индијанците го купил островот Менхетен – на кој подоцна е изграден Њујорк.
1758.- Роден е Максимилијан Робеспјер, еден од најзначајните водачи на Француската буржоаска револуција. Бил водач на јакобинците, најреволуционерната партија во тоа време која се борела за општо право на глас, внесено првпат во јакобинскиот устав во 1793 година, за укинување на монархијата и за воспоставување република како и за укинување на ропството во колониите. По контрареволуционерниот пресврт, на 27.07.1794 година Робеспјер бил гилотиниран.
1840.- Пуштени биле во оптек првите поштенски марки во Велика Британија - од еден и два пени со ликот на кралицата Викторија Прва.
1848.- Во селото Лазарополе, гостиварско, е роден Васил Апостолов Икономов, македонски учител, фолклорист, етнограф, печатар, преведувач, калиграф и црковен певец. Умре во Лазарополе, на 4 јуни 1934 година.
1856.- Во Фрајбург е роден Сигмунд Фројд, австриски научник, основач на психоанализата. Негови најпознати дела се „Увод во психоанализата“, „Кон психопатологијата на секојдневниот живот“ и „Толкување на соништата“. Умрел во Лондон, на 23 септември 1939 година.
1859.- Умрел Александар фон Хумболт, германски географ, астроном и истражувач, еден од основачите на научната географија. Прв го поставил правилото за намалување на температурата со зголемување на надморската висина. Пионер бил на системските трудови за магнетизмот и прв автор на изотермалната карта на Земјата. Роден бил на 14 септември 1769 година.
1889.- Во Париз официјално била отворена Ајфеловата кула, една од најголемите знаменитости на градот. Конструктор на кулата бил инженерот Густав Ајфел. Кулата е поставена на парискиот плоштад Шан де Марс и е висока 320 метри.
1919.- На Версајската мировна конференција по Првата светска војна на Германија и биле одземени колониите во Африка.
1924.- Во Виена, ВМРО (об.) издала Манифест кон македонскиот народ, кон организираното револуционерно население во Македонија и кон македонските револуционери, познат како Мајски манифест на ВМРО (об.). Во него како главни цели на револуционерната борба биле фиксирани „ослободувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка заедница“ и демократизирањето и сојузувањето на балканските држави во една федерална заедница која „единствено може да го гарантира политичкото постоење на независна Македонија и независноста на другите балкански народи“ и да ги парализира анексионистичките и империјалистичките стремежи на заинтересираните сили.
1952.- Во селото Лабуништа, Струшко, умрел Ангелко Крстиќ, македонски романсиер, раскажувач, драмски автор и учител. Најпознат е по романот „Трајан“, објавен во 1932 година. Роден бил во селото Лабуништа, на 1 ноември 1871 година.
1976.- Во северниот италијански град Удине во земјотрес загинале 973 луѓе.
1978.- Советот за безбедност на Обединетите нации ја осудил Јужна Африка поради инвазијата во Ангола и побарал повлекување на нејзините војници од земјата.
1991.- Во Сплит, Република Хрватска загинал 19-годишниот војник од Кавадарци, Сашко Гешовски. На денот на загинувањето тој бил на должноста стражар во командата на Военопоморската област во Сплит, каде што протестирале над 30.000 демонстранти. Гешовски бил првата македонска жртва во југословенската војна. Тој од 17 септември 1990 година служел во воената полиција во Сплит. Околностите под кои загина Гешовски се уште не се разјаснети.
1992.- Во Париз умрела Марлен Дитрих (вистинското име и е Марија Магдалена фон Лош), прочуена американска филмска актерка од германско потекло. Родена била во Берлин, на 27 декември 1901 година.
1993.- Умрел Велко Силјаноски, редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, основоположник на дисциплината фонетика на англиски јазик. Роден бил во Прилеп, на 27 јуни 1936 година.
1994.- Во Мексико, на Генералното собрание на Светската организација за нумерирање на артиклите (ЕАН), како редовен член била примена и македонската организација ЕАН-МАК.
1994.- Францускиот претседател Франсоа Митеран и англиската кралица Елизабета Втора го отвориле тунелот под Ламанш.
1998.- Најмалку 150 лица загинале од надоаѓање на реките поради поројните дождови во јужниот дел на Италија.
2002.- Со одлука на претседателот Џорџ Буш, САД го ставиле надвор од сила потписот на поранешниот шеф на државата Бил Клинтон во декември 1999 година на меѓународниот договор за формирање Меѓународен кривичен суд за воени злосторства. Конгресот со резолуција го ополномоштил американскиот претседател да употреби и вооружени сили при ослободување на американски државјани доколку бидат изнесени пред овој суд.
2002.- Во Холандија бил убиен лидерот на холандската десница Пим Фортајн, што официјално претставувало прво политичко убиство во оваа земја од 17. век. Фортајн бил убиен од еден муслимански фанатик, наводно од верски причини.
2006.- Починала последната преживеана патничка на бродот Титаник, Американката Лилијан Гертруд Асплунд. Според извештајот на американскиот Сенат, во несреќата загинале 1.523 лица.
2007.- Починал Ѓорѓе Новковиќ, најтиражниот композитор на поп-музика во поранешна Југославија. Новковиќ во 60-тите години од минатиот век свирел со сараевската група „Индекси“, а потоа ја формирал групата „Про Арте“.
2014.- По кратко боледување на 65-годишна возраст починал македонскиот музичар, автор и пејач на народна музика, Војо Стојановски. Тој бил и поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија. Негови најпознати песни кои оставија трага во македонската народна музика се „Ти донесов млада невеста“, „Една мисла имаме“ ,„Свадба голема“ ... Стојановски бил роден на 2 февруари 1949 година во кичевското село Букојчани.
###