• вторник, 24 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
27 ноември 2022 (МИА) - Меѓународен ден против потрошувачка грозница. 8.п.н.е.- Умрел Хорациј, најголем римски лирски поет, кој повеќе од кој било грчки или римски поет се одликувал со разноликиот поетски израз. Дела: „Сатири“, „Песни“ или „Оди“, „Писма“. 1570.- Умрел италијанскиот архитект и вајар Јакопо Сансовино, мајстор на перцепција и совршени хармонизирани конструкции и декори. Ги изработил статуите „Нептун“ и „Марс“ на скалилата на Дуждовата палата и рељефот во мермер во ложата на црквата „Свети Марко“. 1879.- Француското собрание било преместено од Версај во Париз. 1895.- Умрел францускиот писател Александар Дима Синот, кој ги удрил темелите на театарските драми. Напишал 16 драмски парчиња, вклучувајќи ја и драматизацијата на романот „Дамата со камелии“. Друхи дела: „Незаконски син“, „Дениза“, „Господин Алфонс“, „Полусвет“. 1895.- Шведскиот фабрикант Алфред Нобел, пронаоѓач на динамитот, во Париз напишал своерачен тестамент со кој каматите од големиот имот ги оставил за развој на науката, литературата и на борците за мир. "Наградите треба да се делат без оглед на националноста", пишуваше во тестаментот, со кој била основана Нобеловата награда за најголеми достигнувања на човековиот ум. 1919.- По Првата светска војна, во која учествувала на страната на Оската, Бугарија потпишала мир (Нејски мировен договор, потпишан во Неј на Сена) врз основа на кој Добруџа и припаднала на Романија, приморјето на Тракија на Грција, а градовите Струмица, Благоевград и Цариброд на Кралството СХС. 1926.- Ахмет Бег Зогу во Тирана потпишал пакт со Мусолини за зајакнување на својот реакционен феудален режим во Албанија. 1940.- Нацистичка Германија ги анектирала во Втората светска војна (и формално) француските покраини Лорен (Лотарингија) и Алзас. 1940.- Во Романија профашистичката „Железна гарда“ убила повеќе од 60 соработници на пребеганиот крал Карол II, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никол Јорг. 1942.- Роден е американскиот рок пејач, гитарист и пишувач на песни од африканско потекло Џими Хендрикс, еден од најпопуларните музичари во светот во шеесетите години на 20. век. Умрел во 1970 година од предозирање со дрога. 1944.- Во селото Горобинци, Светиниколско, бил осветен и поставен камен-темелникот на новата црква „Свети Спас“. 1946.- Солунскиот партиски весник "Лаки Фони" објавил список на околу 100 лица од Леринско и од Воденско (претежно Македонци), кои биле интернирани на егејските острови. 1953.- Умрел американскиот писател Јуџин Гледстон О`Нил, творец на модерната американска драма, добитник на Нобеловата награда за литература во 1936 година. Дела: „Зад хоризонтот“, „Ана Кристи“, „Сите божји деца имаат крилја“, „Големиот бог Браун“, „Цар Џонс“, „Второ патување во Европа“. 1990.- Министерот за финансии Џон Мејџор бил избран за премиер и шеф на Конзервативната партија на Велика Британија, по оставката на Маргарет Тачер. 1993.- Во Крањ, во Словенија, во Основното училиште „Франце Прешерн“ почнала наставата на македонски јазик за македонски деца од предучилишна до средношколска возраст, државјани на Република Словенија. 1995.- Во Женева, на Генералното собрание на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Црвениот крст на Македонија бил примен за рамноправен член на оваа асоцијација. 1996.- Во Скопје умрел проф. д-р Димко Кепески, еден од основачите на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Роден е во Прилеп, на 14 септември 1918 година. 1997.- Во Брисел, со одобрение на Министерскиот совет на Унијата, била одобрена Спогодбата за соработка и транспорт меѓу Европската унија и Република Македонија. 2000.- Во западна Норвешка бил пуштен во употреба тунелот Лердал, кој со должина од 16,9 километри го надминал Свети Готхард, дотогаш најдолгиот друмски тунел во светот. 2001.- НАСА соопштила дека вселенскиот телескоп „Хабл“ открил атмосфера на една планета 150 милиони светлосни години од Земјата, што претставувало прво директно откритие на атмосфера надвор од нашиот Сончев систем. 2005.- Во експлозија на рудник за јаглен во покраината Хелионџианг, во североисточна Кина, загинале 183 рудари. 2005.- Доктори во Франција први во светот извеле делумна трансплантација на лице врз пациентка на која и било изобличено лицето од напад на куче. 2006.- Собранието на Канада одлучило да ја признае франкофонската покраина Квебек  како посебна нација внатре во Канада. Со оваа одлука кончено била признаена јазичната и културна посебност на Квебек. Сепаратизмот во оваа провинција, која е една од четирите кои во 1867 се обединиле и ја основале Канада, предизвикувал повеќепати сериозна криза, па дури и воспоставување на вонредна состојба. 2011.- Умрела професор Олга Тројачанец, една од доајените на македонската германистика. Олга Тројачанец била првата Македонка која била одликувана со Орден за заслуги од претседателот на Германија. Орденот го доби во 2008 година, за нејзините долгогодишни заслуги во ширењето на германскиот јазик во Македонија. Од 1986 до пензионирањето во 2002 година била професорка и директорка на Центарот за странски јазици и предавач на Филолошкиот факултет, а од 2002 и косопственик на училиштето за јазици Лингвалинк. 2018.- Во Англија, во местото Кентбери, по кратко боледување, на 66-годишна возраст почина познатиот македонски драмски писател Горан Стефановски. Стефановски живееше во Велика Британија, во близина на Лондон. Горан Стефановски е роден во Битола, 27 април 1952 и е еден од најплодните драмски писатели од современата македонска книжевност. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Со појавата на Стефановски современата македонска драма доживува голем успех, особено со неговите драми  „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“. Стефановски е автор на телевизиските драми  „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“ и на ТВ сериите „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ. 2021.- Почина Тодор Пендаров, долгогодишен новинар. Во својата кариера беше дописник за Радио Скопје од Љубљана на што беше особено горд во своите ТВ настапи и споделуваше искуства од напредната и организирана Словенија. Редовноп рисуствуваше и на ТВ-дебати анализирајќи ги политичките случувања. Подолг период Пендаров беше советник за односи со јавност во Собранието, како дел од кабинетот на спикерот Трајко Вељановски. ###

Остани поврзан