• среда, 25 декември 2024
На денешен ден
24 септември 2020 (МИА) 768.- Умре францускиот крал Пипин III Малиот, прв монарх од династијата Каролинг. Владееше од 747, а со потполна власт се здоби во 751 година кога заедно со римскиот папа го тргна од власт Хилдерик III, последниот владетел од династијата Меровинг. Во 786 годија ја основа Папската држава подарувајќи му на папата земја во средна Италија. 1706.- Шведска и Саксонија во Алтранштат склучија мир со кој Шведска се одрече од полската круна и го призна полскиот крал Станислав Лашчински, штитеник на шведскиот крал Карло XII. 1813.- Умре Андре Модест Гретри, француски композитор и музички писател, од белгиско потекло, најистакнат композитор на комични опери во 18. век. Негови најпознати дела се „Ричард Лавовско Срце“, „Карван од Каиро“ и други, а пишуваше и мемоари и есеи. Роден е на 11 февруари 1741 година. 1835.- Во Париз умре Винченцо Белини, италијански оперски композитор. Тој е творец на италијанскиот оперски стил наречен белканто. Најпознати негови опери се „Норма“, „Месечарка“, „Пуританци“, „Капулети и Монтеки“ и други. Роден е во Катанија, на 1 ноември 1801 година. 1852.- Францускиот инженер Анри Жифар го изведе првиот лет со цепелин на парен погон, прелетувајќи 27 километри од Париз до Трап. 1884.- Роден е Исмет Инени, истакнат турски политичар, министер за надворешни работи, премиер и претседател на Република Турција. Беше долгогодишен соработник на Кемал Ататурк - „таткото“ на современа Турција. Во 1939 година ја основа Републиканската народна партија која ја предводеше цели 33 години. Умре на 25 декември 1973 година. 1905.- Шведска ја призна независноста на Норвешка која прво беше под доминација на Данска, а од 1814 година во унија со Шведска. По отцепувањето е прогласена за самостојна уставна монархија на чело со кралот Хакон Седми. 1908.- Во Солун, во кафеаната „Бошњак-ан“, платени терористи-врховисти извршија неуспешен атентат врз големиот македонски револуционер Јане Сандански кој беше повреден. При атентатот две лица од придружбата на Сандански беа смртно погодени. 1911.- Роден е советскиот државник Константин Черњенко, кој на најмоќната положба во државата, местото генерален секретар на Комунистичката партија, дојде по смртта на Јуриј Андропов во февруари 1984 година. На оваа функција остана само 13 месеци, до смртта во март 1985 година. 1941.- Во Лондон, на конференцијата на претставниците на владите на Австралија, Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Јужноафриканската унија, Советскиот Сојуз и претставници на бегалските влади на Чехословачка, Грција, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Југославија и на слободна Франција, ја потпишаа Атлантската повелба која пред шест недели ја прокламира американскиот претседател Франклин Рузвелт и британскиот претседател Винстон Черчил, со што овие земји ја прифатија Повелбата како политичка програма во борба против силите на Оската. 1960.- Во Њупорт е укотвен „Ентерпрајз“, првиот американски носач на авиони на атомски погон. 1968.- Швајцарија стана членка на Обединетите нации. Поради традиционалната неутралност таа долго време се воздржуваше од членство во разни меѓународни организации. 1971.- Велика Британија протера 90 советски граѓани поради наводно шпионско делување. 1980.- Пограничните судири меѓу Ирак и Иран прераснаа во сеопшта војна меѓу двете земји кога ирачките трупи ја преминаа границата и го опколија градот Абада, запалувајќи ја најголемата светска нафтена рафинерија. 1988.- На Олимписките игри во Сеул канадскиот спринтер од афроамериканско потекло Бен Џонсон во финалната трка на 100 метри постави светски рекорд - 9,79 секунди, но резултатот беше поништен и по шест дена му беше одземен златниот медал заради допинг. 1989.- Во Охрид умре Кирил Билбиловски, пионер на македонската кинематографија, еден од првите уметнички фотографи и втемелувач на професијата филмски снимател во Македонија. Животната преокупација - филмската уметност ја работеше со неверојатен ентузијазам, снимајќи повеќе од сто документарни филови и десеттина играни филмови. Како филмски снимател неговото име се јавува и на шпицата на првиот македонски игран филм „Фросина“. Мошне значајни се и креациите на неговата филмска камера во филмовите „Денови на искушение“, „Каде по дождот“, „Македонска крвава свадба“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“ и во други. Роден е во Скопје, на 3 мај 1920 година. 1990.- Претседателот на Западна Германија Рихард фон Вајцкер потпиша договор со кој на 3 октомври 1990 година двете германски држави повторно ќе се обединат, а истиот ден Источна Германија формално го напушти Варшавскиот пакт. 1993.- Во Монте Карло, во Кнежеството Монако, Македонскиот олимписки комитет е примен за рамноправен член на олимпиското семејство како 195-ти член. 1995.- Во Лерин умре Коста Гочков, еден од најистакнатите активисти во борбата за признавање на човековите права на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Грција и член на политичката организација „Виножито“. Роден е во селото Овчарани, во 1944 година. 1996.- САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција ги отфрлија приговорите на Индија и потпишаа документ за забрана на нуклеарни проби. 2002.- Британската влада го објави досието на ирачката програма за вооружување, тврдејќи дека ирачкиот претседател Садам Хусеин за само 45 минути може да лансира оружје за масовно уништување, што послужи како оправдување за агресија на Ирак, но подоцна се покажа дека ваквото тврдење било лажно. 2002.- Тројца муслимански терористи убија 29 верници во хиндуистички храм во индискиот град Гандинагар. 2004.- Во Бомбај, Индија, умре Раџа Рамана, индиски физичар. Се смета за еден од творците на атомската бомба во Индија. На млади години се занимаваше и со свирење на пијано. Роден е во 1925 година. 2004.- Во болницата во северното француско пристаниште Хонфлер умре Франсоа Саган, француска новелистка. Најпознато нејзино дело е „Добар ден, таго“, химната за разочараната младост што стана една од најпознатите книги на 20. век. Покрај ова, познато е и нејзиното дело „Сигурна насмевка“. Родена е во Лот, во јуни 1935 година. ###

Остани поврзан