На денешен ден
- 1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на неколку стотици Французи, кај Поатје ги победила англиските освојувачи и го зазела градот Орлеан. Во 1430 година била заробена, а една година по
29 април 2020 (МИА)
- Денеска е Светски ден на танцот
1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на неколку стотици Французи, кај Поатје ги победила англиските освојувачи и го зазела градот Орлеан. Во 1430 година била заробена, а една година подоцна, во Руан, била запалена. Во 19. век, таа била прогласена за француска национална хероина. Родена била во 1412 година.
1769.- Роден е Артур Велингтон, англиски војсководец. Војничката слава ја стекнал во војните против Наполеон Бонапарта. По првиот пад на Наполеон, Велингтон бил британски делегат на Виенскиот конгрес. По враќањето на Наполеон во 1815 година, станал врховен командант на сојузничките сили и го поразил Наполеон во битката кај Ватерло, на 18 јуни 1815 година. Умрел во 1852 година.
1818.- Роден е рускиот цар Александар II Николајевич Романов, кој во 1861 година, шест години по стапувањето на престолот, ги ослободил селаните од феудалните обврски. Во текот на владеењето до 1881 година, кога и бил убиен од членовите на тајното марксистичко терористичко здружение „Народна волја“, спровел стопански реформи, ги реорганизирал судството, управата и војската, а ги освоил и Киргизија, Туркменија, Узбекистан и делови од Кавказ.
1837.- Роден е францускиот генерал Жорж Енест Буланже, министер за војската од 1886 до 1887 година, водач на влијателното политичко движење кое за малку не ја урнало Третата република. Бидејќи републиканците го обвиниле за обид за преврат, побегнал во Белгија, каде во 1891 година извршил самоубиство.
1854.- Роден е францускиот математичар, физичар и филозоф Жил Анри Поенкаре, кој пред Алберт Ајнштајн ја поставил специјалната теорија на релативитетот. Објавил повеќе од 500 математички трудови, ја проучувал аналитичката и небеската механика, хидродинамиката, астрономијата, геодезијата, теориската и математичката физика. Во филозофијата се занимавал со теоријата на науката, теоријата на сознанието и општата методологија. Објавил 32 книги. Најпознати негови дела се „Наука и хипотеза“, „Вредност на науката“, „Науката и методите“ и други.
1898.- Во Ќустендил умрел Илија Марков Малешевски (познат како Дедо Иљо Малешевски), прочуен македонски ајдутски војвода, во втората половина на 19. век, кој учествувал во битките против Турците. Роден бил во Берово, на 28 мај 1805 година.
1899.- Роден е американскиот пијанист, композитор и шеф на оркестар Едвард Кенеди „Дјук“ Елингтон, еден од најзначајните џез музичари. Оркестарот што го основал во 1926 година претставувал пример за сите оркестри на џез музиката. Тој напишал околу 2.000 композиции.
1901.- Роден е јапонскиот цар Хирохито, кој владеел од 1921 година, кога како регент го заменувал болниот татко. Крунисан бил во 1926 година и бил на престолот до смртта во 1989 година.
1907.- Роден е американскиот филмски режисер од австриско потекло Фред Синеман. Филмови: „Очи во ноќта“, „Седмиот крст“, „Луѓе“, „Тереза“, „Точно напладне“, „Сват“, „Одовде до вечноста“ (Оскар), „Оклахома!“, „Шапка полна со дожд“, „Старецот и морето“, „Приказна за калуѓерката“, „Човек за сите времиња“ (Оскар), „Операција шакал“.
1925.- Роден е Ивао Такамото, креатор на симпатичната дога Скубиду, како и ликовите во семејството Кременко. Такамото е автор или коавтор на цртаните филмови „Пепелашка“, „Петар Пан“, „101 далматинец“ и „Семејството Кременко“. Во текот на 50-годишната продуцентска работа Такамото создал 260 филмови.
1936.- Роден е индискиот диригент и виолинист Зубин Мехта, еден од најпознатите диригенти на 20 век.
1951.- Умрел австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн. Дела: „Tractatus logico-psihosophicus“, „Филозофски истражувања“, „Напомени за основите во математиката“, „Филозовски напомени“.
1965.- Австралиската влада испратила трупи во Виетнам за помош на силите на јужновиетнамскиот режим и американската војска во борбата против северновиетнамската армија и Вијетконг, ослободителното движење на Јужен Виетнам.
1980.- Во Лос Анџелес умрел Алфред Хичкок, британски филмски режисер, еден од најпознатите автори кој светската слава ја здобил со филмовите од криминалистички жанр и со филмови на страв и ужас. Негови најпознати филмови се: „Човекот кој многу знаеше“, „Ребека“, „Аферата Парадин“, „Птици“ и „Психо“. Роден бил во Лентонстаун, во близина на Лондон, на 13 август 1899 година.
1997.- Во Луксембург, Република Македонија и Европската унија ја потпишале Спогодбата за соработка.
2000.- Умрел поранешниот виетнамски премиер Фам Ван Донг, кој до 1987 година повеќе од три децении бил претседател на Владата. Тој бил близок до виетнамскиот лидер Хо Ши Мин.
2007.- Умрел Ивица Рачан, долгогодишен функционер, поранешен претседател на владата на Хрватска.
2008.- Умрел швајцарскиот хемичар Алберт Хофман, творец на халуциногената дрога LSD. Супстанцата која Хофман случајно ја открил во 1943 година нашла примена во психијатријата и во неврологијата. До 1971 година се произведувала во вид на таблетка и ампула за медицински потреби. Во почетокот на шеесеттите години LSD станала омилена дрога на хипи-движењето, па поради честата злоупотреба била забранувана.
2011.- Во Лондон британскиот принц Вилијам и неговата избраничка Кејт Миделтон го кажаа судбинското „да“. Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон добиле титули на војвода и војвотка од Кембриџ. Традиционално во Велика Британија, кралските младоженци на денот на венчавката добиваат барем една титула која по автоматизам им следува на младите. Освен тоа што ќе биде војвотка, Кејт Мидлтон технички ќе биде и принцезата на Вилијам од Велс, но не и официјално принцеза Кетрин, затоа што е родена во граѓанско семејство.
2013.- На 53-годишна возраст ненадејно почина Љупчо Митревски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Бил автор и коавтор на повеќе критички изданија на македонски средновековни ракописи, преведувач и лектор по македонски јазик во Брно, Чешка Република (2004−2009). За својата научна дејност добитник е на повеќе признанија меѓу кои и на наградата „Гоце Делчев“ во 1996 година.
###