• вторник, 19 ноември 2024
На денешен ден
28 мај 2022 (МИА)   1660.- Роден е британскиот крал со германско потекло Џорџ Први, првиот монарх на Велика Британија од Хановерската династија. Во текот на неговото владеење од 1714 до 1727 година функцијата премиер станала клучна во извршната власт. 1738.- Роден е францускиот лекар Жозеф Ињас Гијотин, кој во Народното собрание на Франција за време на Француската револуција предложил извршување смртна казна со справа за отсекување на главата. Справата била наречена гилотина, според неговото презиме, а за првпат била употребена врз друмскиот разбојник Жак Пелетје, на 25 април 1792 година. 1759.- Роден е англискиот државник Вилијам Пит, кој во 1783 година станал најмладиот премиер во историјата на Велика Британија. Во времето додека бил шеф на владата од 1801 до 1804 и до 1806 година водел експанзивна колонијална политика, а во Индија ја зацврстил британската власт реформирајќи ја администрацијата. Како голем непријател на Француската револуција, бил главен организатор на европската коалиција против револуционерната и наполеонска Франција. 1805.- Во Берово е роден Илија Марков - Малешевски, прочуен македонски ајдутски војвода во втората половина на 19 век. Учествувал во многубројните битки против Турците и поради своето херојство го нарекувале Цар Малешевски. Умрел во Ќустендил, на 29 април 1898 година. 1812.- Во Букурешт Русија и Османлиското царство потпишале мировен договор со што завршила шестгодишната војна. Русија ја добила Бесарабија, како и некои области на Кавказ, а Турција ги задржала Влашко и Молдавија. 1843.- Умрел американскиот филолог и лексикограф Ноа Вебстер, симбол на лексикографската традиција на САД. Во 1806 година го објавил својот прв речник на англиски јазик "Compendious Dictionary of the English Language", а во 1828 година го објавил речникот кој и денес го носи неговото име. Сите негови речници се сметаат за најдобри речници на современиот англиски јазик. 1849.- Умрела англиската писателка од ирско потекло Ана Бронте, најмладата од трите сестри писателки, автор на романите „Агнес Греј“ и „Станарката во Вајлдфел Хол“. 1864.- Австрискиот надвојвода Максимилијан Хабзбуршки пристигнал во пристаништето Вера Круз каде бил крунисан за мексикански цар. Меѓутоа, неговото со сила наметнато владеење немало долг век. Платеничката војска на Максимилијан се распаднала пред ударите на мексиканските патриоти на чело со Бенито Хуарес, а самонаречениот цар бил фатен и стрелан со група негови генерали. 1871.- Седумдесет и двата дена на првата пролетерска револуција во историјата - Париската комуна, завршиле со "крвава недела" во Париз, кога француските војници со помош на Прусија убиле повеќе од 30.000 жители на Париз. 1908.- Роден е британскиот писател и новинар Јан Ланкастер Флеминг, творецот на Џејмс Бонд. Бил офицер за разузнавање во британската морнарица. По Втората светска војна се повлекол на Јамајка, тогаш британска колонија, каде почнал да ја пишува серијата приказни за Џејмс Бонд, врз основа на кои настанаа низа филмови. Дела: „Казино ројал“, „Дијамантите се вечни“, „Од Русија со љубов“, „Само за твоите очи“. 1934.- Канаѓанката Оливиа Дион во Календер, во канадската држава Онтарио, родила пет девојчиња, наречени „Дионова петорка“, прва петорка во светот за која се знае дека преживеала. 1937.- Умрел австрискиот психијатар Алфред Адлер, еден од пионерите на психоанализата, основач на правецот т.н. индивидуална психологија. Дела: „Пракса и теорија на индивидуалната психологија“, „Познавање на човекот“, „За нервозниот карактер“. 1940.- Австрискиот крал Леополд потпишал капитулација пред јуришот на единиците на Вермахтот во Втората светска војна. Меѓутоа, бегалската влада не го потпишала овој акт и се повлекла во Франција. 1961.- По 78 години сообраќај на линијата Париз - Истанбул престанал да се експлоатира прочуениот возот „Ориент експрес“. 1971.- Советскиот Сојуз во правец на Марс ја лансирал автоматската вселенска сонда „Марс-3“, со тежина од пет тони. 1983.- Во Скопје, првиот фудбалски женски клуб во Македонија „Единство“ (формиран истата година) го одиграл првиот ревијален натпревар против женскиот фудбалски клуб Машинец од Ниш. 1986.- Двајца советски космонаути излегле од орбитната станица „Саљут 7“ и поминале неполни четири часа во „вселенска прошетка“. 1993.- Република Македонија била примена во членството на Меѓународната организација на трудот со седиште во Женева, специјализирана агенција на ООН. 1995.- Во земјотрес кој го погодил рускиот град Нефтегорск на островот Сахалин загинале најмалку 1.989 луѓе. 1995.- На филмскиот Фестивал во Кан филмот „Подземје - беше еднаш една земја“ на режисерот Емир Кустурица ја добил „Златната палма“, втора главна фестивалска награда во неговата кариера. 1997.- Русија и Украина потпишале договор со кој на руската Црноморска флота и е овозможено 20 години да ја користи поморската база во пристаништето Севастопол на полуостровот Крим. 1998.- Пакистан и официјално станал нуклеарна сила, извршувајќи пет нуклеарни пробни експлозии. 2008.- Во Непал била укината монархијата откако Уставотворното собрание во Катманду изгласало воведување република. 2015.- На 59-годишна возраст починал македонскиот музичар, кантавторот Драган Каранфиловски – Бојс. Бојс ја започнал кариерата во 1973-та година, формирајќи ја групата „Македонија“, па потоа преку култната „Мадригали“ и „Трн во око“, да продолжи како кантавтор на веќе легендарните „Опасно сум вљубен во тебе“, „Велерија“, „Лулај ме нежно“, „Парижанка“... Карафиловски е автор и на бројни хитови кои ги изведувале други пејачи, а има компонирано музика и за неколку ТВ – серии.   ###

Остани поврзан