• недела, 24 ноември 2024
На денешен ден
25 мај 2022 (МИА)   1803.- Роден е американскиот писател и филозоф Ралф Валдо Емерсон. Дела: „Природа“, „Друштво и осаменост“, „Поеми“. 1810.- Во Рио де ла Плата (сегашна Аргентина) започнал бунт против шпанскиот колонијален режим и власта ја презела привремена влада. Овој ден се прославува како Ден на независноста на Аргентина, иако таа формално е прогласена во јули 1816 година. 1889.- Роден е рускиот конструктор на авиони и хеликоптери Игор Иванович Сикорски, еден од најзначајните пионери во авијацијата. Тој во 1908 година конструирал хеликоптер, а во 1913 прв направил авион со повеќе мотори. 1892.- Роден е доживотниот претседател на СФРЈ Јосип Броз Тито. Со Југославија управуваше 35 години. 1902.- Во селото Мелница, Мариовско, е роден Стале Попов, македонски писател. Во 1953 година го објавил романот „Крпен живот“, а потоа и романите „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“ и „Дилбер Стана“. Познати се и неговите повести „Опасна печалба“ и „Мариовски панаѓур“. Умрел во Скопје, на 10 март 1965 година. 1945.- Грчка воена единица стационирана во селото Смрдеш, Костурско, немилосрдно претепала повеќе мажи и жени од истото село и му забранила на населението да зборува на македонски јазик. 1948.- Во Скопје, во Македонскиот народен театар бил одржан Основачкиот конгрес на борците од Народноослободителната војна на Македонија. 1963.- Во Адис Абеба завршил Самитот на африканските држави, на кој учесниците потпишале Договор за создавање Организација на африканско единство. 1979.- Се случила најтешката несреќа во историјата на американското воздухопловство. Веднаш при летнувањето од чикашкиот аеродром се урнал авионот „ДЦ-10“ на „Американ ерлајн“, при што загинале 272 патника и членови на екипажот. 1997.- Кинотеката на Македонија била примена за рамноправен член на Меѓународната асоцијација на филмските архиви.   ###    

Остани поврзан