• недела, 17 ноември 2024
На денешен ден
1 јуни 2022 (МИА)   - Меѓународен ден на детето 1804.- Во Новоспаско, кај Смоленск, е роден Михаил Ивановиќ Глинка, руски композитор и еден од основачите на националниот музички стил во Русија. Со своите композиции го прославил рускиот музички стил во целиот свет. Тој ја компонирал првата руска национална опера "Иван Сусанин", како и операта "Руслан и Људмила". Компонирал оркестарски дела, камерна музика, романси и друго. Умрел во Берлин, на 15 февруари 1857 година. 1876.- Во борбата против турската војска загинал Христо Ботев, бугарски револуционер, поет и публицист. Пропагирал јужнословенско единство и социјалистички идеи. Неговата поезија е борбена, социјално бунтовна, но секогаш уметнички вредна. Песните „Борба“, „Ѓурѓовден“, „Хаџи Димитар“ содржат трајни универзални пораки со слободарско-бунтовнички карактер. Роден бил на 6 јануари 1849 година. 1880.- Во САД била поставена прва јавна телефонска говорница во светот, во зградата на „Јејл банката“ во Њу Хевен. 1926.- Во Лос Анџелес е родена Норма Џин (Мерилин Монро), американска филмска актерка. Играла во филмовите „Џунгла на асфалтот“, „Нијагара“, „Автобуска станица“ и „Седум години верност“. Умрела на 5 август 1962 година 1941.- Германците го освоиле Крит и заробиле 13.000 британски војници со што обезбедиле важна база во Втората светска војна за операции на Блискиот Исток и во Северна Африка. 1943.- Врз основа на известувањето на германските шпиони во Мадрид, германски ловци собориле еден британски патнички авион, сметајќи дека во него се наоѓа британскиот премиер Винстон Черчил. Во злосторничкиот напад загинале сите патници, меѓу кои и познатиот филмски актер Лесли Хауард. 1945.- Стапила во сила одлуката на Владата на ДФ Македонија од 19 мај 1945 за формирање на Македонски федерален статистички уред. На 1 јуни 1995 година била донесена одлука со која 1 јуни е прогласен за Ден на статистичарите на Македонија. 1946.- Во Битола е роден Славе Димитров, познат македонски композитор, пејач, аранжер и музички продуцент. Кариерата како музички автор, аранжер и изведувач ја започнал во Битола. Во 1971 година на Фестивалот на забавна музика „Скопје“ за првпат е изведена неговата легендарна песна „Чија си“, која доживеа повеќе верзии и безброј изведби кај нас и во странство. Димитров успешно учествувал на речиси сите забавно-музички фестивали во СФРЈ. Многу негови песни станаа хитови („Нежност“, „Има една мома“, „Тивко тивко“, „Дали да ти пријдам“, „Момчето со мандолина“ „Есенска роза“, „Ѕма ѕма ѕм“, „Ти само збориш“...) Големо место во неговиот опус зафаќа музиката што ја компонира за ТВ серии, драми, филмови, театарски претстави („Исправи се, Делфина“, „Големата соба“, „Томе од бензинската пумпа“, „Опстанок“, серијата за деца „Загубено па најдено“...). Меѓу првите во Македонија го воведува компјутерот како помагало во процесот на создавање музика, на што со голем успех се надоврзале неговите синови Оливер и Дарко Димитрови, во својство на композитори, аранжери и продуценти. 1947.- Започнала мелиорацијата на Струмичкото Поле, односно прокопувањето на каналот за исушување на Моноспитовското блато. 1953.- Во Женева била основана Европската организација за нуклеарни истражувања. 1968.- Умрела Хелен Келер, американска писателка и преведувач. Слепа и глувонема од втората година на животот, со одличен успех завршила филозофски студии и станала истакнат јавен работник на полето на општествената реформа. Напишала повеќе автобиографски дела, меѓу кои „Историја на мојот живот“ и „Светот во кој живеам“. Родена била во 1880 година. 1974.- Умрел Хуан Перон, аргентински политичар и државник. Роден бил во 1895 година. 1992.- Во Скопје бил поставен камен-темелникот на Домот-музеј на народна музика, објект што на Македонија и го подарија македонските естрадни уметници Есма и Стево Теодосиевски. Свечено бил пуштен во употреба во мај 1996 година. 1994.- Јужна Африка по 33 години се вратила во Британскиот комонвелт. 1994.- Армандо Калдерон Сол станал прв претседател на Ел Салвадор по завршувањето на граѓанската војна која повеќе децении траела во оваа држава. 1996.- Украина, со одлука на претседателот Леонид Кучма и Националниот парламент станала земја без нуклеарно оружје, префрлувајќи ги во Русија последните ракети со нуклеарни глави. 2000.- Во Њујорк умрел Тито Пуенте, светски популарниот латинскоамерикански слеп музичар. Роден бил во 1923 година. 2005.- Холандските гласачи на референдум го отфрлиле Предлог-уставот на Европската унија. 2010.- Починал Андреј Вознесенски, руски поет, писател и есеист, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Вознесенски бил еден од таканаречените „деца на 60-тите“, една генерација уметници која го вкусила интелектуалното ослободување за време на постсталинистичкото одмрзнување. Неговите иновативни стихови ги иритирале властите и тој честопати бил критикуван од конзервативните советски писатели. Во 1978 година Вознесенски ја добил Државната награда на Советскиот Сојуз, а во 1984 година се закитил со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Исто така, тој бил почесен член на десет академии, меѓу кои и на Американската академија на уметности и писма и париската Académie Goncourt. Заедно со Евгени Евтушенко, Бела Ахмадулин, Роберт Рождественски и Булат Окуџава во 70-80-те години на дваесеттиот век станале познати низ целиот свет. Неговите дела се преведени на најголемите светски јазици. Попознати збирки поезија: „Мозаик“, „Триаголна круша“ , „Анти-светови“, „Пушти ја прицата“, „Казиното Русија“ и други. Роден бил на 12 мај 1933 година. 2018.- По кратко боледување, на 76-годишна возраст почина генерал мајор Борис Стојановски, пензиониран генерал на Армијата на Република Македонија. Генералот Стојановски, во текот на неговата воена кариера до неговото пензионирање во 2000 година, извршувал повеќе високи должности во Армијата на Република Македонија, како: командант на третиот армиски корпус, помошник на началникот на ГШ на АРМ за морално психолошка подготовка и последната помошник на началникот на ГШ на АРМ за меѓународна соработка, културни дејности и традиции. За време на осамостојувањето на Република Македонија Стојановски ја извршувал должноста, командант на територијалната одбрана на град Скопје, а во 1992 година, со Указ од претседателот на РМ се унапредува со чин генерал мајор. Во пензионерските години тој остана активен придонесувач во полето на одбраната учествувајќи на повеќе конференции во областа како потпретседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, а е потпишан како коавтор на монографијата „Воените генерали од Македонија“. ###

Остани поврзан