• вторник, 12 ноември 2024
На денешен ден
26 август 2020 (МИА) 1346.- Во битката кај Креси, во северна Франција, најпознатата битка во Англо-француската стогодишна војна (1337-1453), велшките стрелци катастрофлано ги поразиле француските тешки оклопници. Според некои извори, Англичаните тогаш првпат употребиле и огнено оружје. 1676.- Роден е англискиот државник Роберт Волпол, прв британски премиер (прв по прогласувањето на Обединетото Кралство). Претседател на владата бил од 1721 до 1742 година, најдолго во историјата на Велика Британија. 1723.- Умрел холандскиот природонаучник Антони ван Левенхук, кој иако по струка бил книжевник, се бавел и со микробиолошки истражувања. Тој го открил дотогаш непознатиот свет на микроорганизмите. Резултатите од истражувањата на крвните садови, структурата на коските, мускулите, еритроцитете и сперматозоидите како член на Лондонското кралство друштво ги објавувал во неговите изданија. 1740.- Роден е францускиот пронаоѓач Жозеф Мишел Монголфје, кој заедно со братот Жак Етјен во 1783 година го конструирале првиот воздушен балон наполнет со топол воздух. 1743.- Во Париз е роден Антоан Лоран Лавоазие, француски хемичар, кој се смета за основач на модерната хемија. Прогласувајќи го законот за неуништивоста на материјата како основа на хемиските процеси, тој ја почнал примената на егзактните физикални методи за мерење на хемиските истражувања. На пример, докажал дека водата е соединение на водород и кислород (1783), а ги задолжил науката и човештвото и со многу други знајачни откритија. Умрел во Париз, на 8 мај 1784 година. 1883.- На островот Кракатау, меѓу Јава и Суматра, во Индонезија, дошло до најкратастрофалната ерупција која е забележана во историјата на човештвото. Повеќе експлозии го потресле островот, а најголемата однесла во воздух 27 квадратни километри земја. Кога се создала голема бездна во морето дошло до нови катаклизми и огромни бранови, кои го избришале остатокот од животот на островот. Се смета дека тогаш загинале повеќе од 36.000 луѓе. 1904.- Во Скопје е роден Томо Владимирски, македонски академски сликар и сценограф. Уметничка школа завршил во Белград. Од 1929 година работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје и во други театри во Македонија. Во сликарството мотиви му биле луѓето, историјата и пејзажи на Македонија. Умрел во Скопје, на 14 септември 1971 година. 1906.- Роден е американскиот вирусолог Алберт Брус Сејбин, пронаоѓач на вакцината против полиомиелитис (заразна детска парализа). Сејбиновата вакцина била првпат масовно употребена во Советскиот Сојуз. Бил професор на Медицинскиот колеџ на Универзитетот во Синсинати (САД), а потоа и претседател на Вајцмановиот институт во Израел. 1910.- Во Скопје е родена Мајка Тереза (вистинското име и е Агнеса Гонџа Бојаџиу), основач на сестринскиот ред на милосрдието. Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Умрела во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година. 1910.- Умре американскиот филозоф и психолог Вилијам Џејмс. Дела: „Прагматизам“, „Принципи на психологијата“, „Желба за верување“, „Есеи за радикалниот емпиризам“, „Разликите во религиозното искуство“. 1920.- Ратификуван е 19-иот амандман од Уставот на САД, со кој жените добиле право на глас. 1942.- Германската армија стигнала до Сталинград, каде во најважната битка во Втората светска војна претрпела катастрофален пораз, кој го означил и почетокот на крајот на нацистичката воена машинерија. 1944.- На Кајмакчалан, во борбата против бугарската војска, како комесар на баталјон, загинала Овадија Естреја - Мара, народен херој на СФР Југославија, од Македонија. Родена била во Битола, во 1921 година. 1944.- Бугарија, сојзуничка на Германија во Втората светска војна, соочена со навлегувањето на советските трупи, соопштила дека излегува од војната. 1945.- Во Битола бегалците од Егејска Македонија излегле на протестен митинг со барање да престане теророт и прогонот на Македонците спроведуван од страна на грчките власти. 1972.- Отворени биле Дваесеттите олимписки игри во Минхен, Германија, кои во историјата, освен по спортските резултати, ќе останат забележани и поради нападот на припадниците на организацијата „Црн септември“ на олимпиското село и поради убиството на 11 израелски спортисти. Во знак на одмазда на 10 септември Израел ги нападнал Либан и Сирија, предизвикувајќи голем број жртви меѓу цивилите. 1974.- Умрел Чарлс Линберг, американски авијатичар кој прв со моторен авион го прелетал Атлантикот на 20 и 21 мај во 1927 година. Тој полетал од Њујорк и се спуштил во Париз, прелетувајќи 5.836 километри за 33 часа и 32 минути. Роден бил во 1902 година. 1978.- Венецијанскиот кардинал Албино Лучани станал папа Јован Павле Први. Умрел 33 години подоцна, официјално од срцев удар, но останал сомнежот дека е отруен. 1978.- Јан Зигмунд како прв Германец полетал во вселената во советскиот брод „Сојуз 31“. 2001.- Албанските терористи со експлозив го кренале во воздух и целосно го уништиле мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско. Притоа, од експлозијата животот го загубиле (бидејќи биле најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот - Боге Илиевски и Свете Трајчевски. 2006.- Умрел рускиот уметник Владимир Третчиков. Познат бил по делата кои биле исклучително популарни во 60-тите и 70-ите години од 20. век. Роден бил во Русија, а во 1946 година се преселил во Јужна Африка. Четири години подоцна ја насликал „Кинеска девојка“, позната и како „Зелената дама“, која била продадена во повеќе од половина милион копии. Се смета дека оваа слика била продадена, во печатена верзија, во поголем број од „Мона Лиза“ на Да Винчи или „Сончоглед“ на Винсент ван Гог. 2018.- На 92-годишна возраст почина познатиот американскиот театарски сценарист Нил Сајмон. Неговите дела „Босонога во паркот", „Чудна двојка" и трилогијата „Брајтон Бич“ со десетлетија доминираа на Бродвеј. Во своите претстави, тој ги третираше главно проблемите на средната класа. Добитник е на четири Тони награди, Пулицеровата, како и бројни други награди. Еден од театрите на Бродвеј е именуван по него во 1983 година. ###

Остани поврзан