• среда, 27 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
7 февруари 2021 (МИА) 1478.- Роден е Томас Мор, англиски хуманист, државник, писател на социјални, историски и теолошки списи, родоначалник на утопискиот социјализам. Негово најпознато дело е политичко-филозофскиот роман "Утопија". Умрел во 1535 година. 1812.- Роден е Чарлс Дикенс, англиски писател, типичен претставник на реализмот во литературата. Од романите најпознати му се "Дејвид Коперфилд", "Оливер Твист" и "Пиквиковиот клуб", во кои ја прикажува целата беда на викторијанска Англија, со изразени симпатии кон угнетените. Умрел во 1870 година. 1870.- Роден е австрискиот психијатар Алфред Адлер, еден од пионерите на психоанализата, основач на правецот т.н. индивидуална психологија. Дела: „Пракса и теорија за индивудалната психологија“, „Познавање на човекот“, „За нервозниот карактер“. 1876.- Во Цариград умрел Партенија Зографски, прв македонски учебникар, филолог, фолклорист, еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19. век во Македонија и прв македонски митрополит. Роден е во Галичник, Гостиварско, во 1818 година. 1878.- Во Рим умрел папата Пие Деветти чиј понтификат траел 31 година и 236 денови. 1894.- Умрел белгискиот производител на дувачки инструменти Адолф Сакс, кој во 1840 година го направил музичкиот инструмент што во негова чест е наречен саксофон. 1944.- Кај селото Биљача, близу до Куманово, во борба против бугарската војска и полиција, покрај другите, загинал и Христијан Тодоровски - Карпош, народен херој на Македонија. Роден бил во Куманово, на 3 септември 1921 година. 1947.- Велика Британија предложила план за поделба на Палестина на еврејски и арапски дел кои ќе бидат економски поврзани, а во Ерусалим да биде воведен меѓународен режим. Евреите го прифатиле тој план, според кој добиле своја национална држава, додека Арапите го отфрлиле. Во 1948 година британските трупи се повлекле од Палестина. Истиот ден, во Палестина била прогласена еврејска независна држава Израел, која опфаќала 77 отсто од подрачјето на историска Палестина. Еден ден потоа, арапските држави влегле на поранешното британско подрачје, а судирите што избувнале Израел ги искористил за проширување на своите територии. Тоа бил почеток на низа вооружени израелско-арапски конфликти кои се претвориле во војна. 1962.- Во експлозија во западногермански рудник за јаглен кај Сарбрикен загинаа 298 рудари. 1965.- Силите на САД почнале да го бомбардираат северниот дел на Виетнам. 1968.- Премиерите на сите 10 канадски провинции го одобрија нацрт-уставот според кој статусот на францускиот јазик во цела Канада е изедначен со англискиот. 1971.- Жените во Швајцарија на рефереднум добиле право на глас. 1973.- Во Скопје умрел Никола Мартиноски, македонски ликовен уметник, педагог и академик, име кое четири децении било едно од најдобрите репрезенти на македонската уметност пред светот. Тој е еден од основачите и прв директор на Уметничкото училиште во Скопје. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство. Роден е во Крушево, на 15 август 1903 година. 1984.- Американскиот космунаут Брус Мекендлс го напуштил вселенскиот брод „Челенџер“ и „прошетал“ по вселената како прв човек кој се движел без физичка врска со леталото, носејќи на грбот движечки мотор. 1986.- Доживотниот претседател на Хаити Жан Клод Дивалие избегал од земјата, ставајќи и крај на 29-годишната диктатура на семејството Дивалие во оваа карипска земја. 1990.- На пленум на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз било решено од уставот да биде избришана одредбата со која на партијата и се гарантира „раководната и насочувачка“ улога во општеството, одрекувајќи се со тоа од политичкиот монопол по повеќе од 70 години. 1992.- Во Мастрихт, Холандија, министрите за надворешни работи на "европските дванаесетмина" потпишале Спогодба (која стапила во сила на 1 ноември 1993 година) по која започна етапа на развојот на Европа и преобразба на дотогашната Европска заедница во Европска унија. 1995.- Во Скопје умрел Шишман Ангеловски, македонски драмски и телевизски актер. Роден бил во Битола, во 1937 година. 1999.- Умрел јорданскиот крал Хусеин кој владеел со Јордан од 1952 година. На престолот го наследил неговиот син Абдула. 2005.- Англичанката Елен Мекартур постави нов светски рекорд во соло едрење околу светот, поминувајќи скоро 42.000 километри за 71 ден, 14 часа, 18 минути и 33 секунди. 2006.- Талибанците во Авганистан го повикале муслиманскиот свет да прогласи света војна по повод спорната карикатура на пророкот Мухамед објавена во данскиот весник „Јиландс Постен“. ###  

Остани поврзан