• вторник, 03 декември 2024
На денешен ден
20 јули 2020 (МИА) 1304.- Во Арецо е роден Франциско Петрарка, голем лирски поет на италијанската предренесанса. Се смета за основач на модерната европска поезија. Светска славa стекна со делото „Канцониер“ - зборник од 366 сонети, канцони и мадригали. За епот „Африка“ добил „Ловоров венец“. Умрел во Арква, во близина на Падова, на 18 јули 1374 година. 1785.- Роден е турскиот султан Махмуд Втори, кој во текот на владеењето од 1808 година до смртта во 1839 година спровел реформи во обидот да го централизира феудално-апсолутистичкиот поредок на Отоманската империја. 1819.- Република Колумбија добила независност. Била шпанска колонија од 1509 година. - Национален празник на Колумбија. 1847.- Роден е германскиот сликар и графичар Макс Либерман, најзначаен претставник на германскиот импресионизам. 1890.- Родена е американската филмска актерка Теодосија Гудман, позната како Теда Бара, прв „вамп“ во историјата на кинематографијата. Филмови: „Клеопатра“, „Кармен“, „Салома“, „Жена - ти 1913.- Во текот на Балканските војни (1912-1913), во близина на селото Бел Камен, Леринско, во борба против грчката војска загинал Васил Чакаларов, македонски војвода и деец на ВМРО. Учесник бил на Смилевскиот конгрес (1903) и во Илинденското востание (1903). Роден бил во селото Смрдеш, Костурско, во 1874 година. 1929.- Во Ремс, Франција, е роден Жан Бодријар, еден од највлијателните француски мислители на 20. век, филозоф, социолог, познат по својата критика на потрошувачкото општество. Познат е по делата „Симулакруми и симулации“, „Симболична размена и смрт“, „За заведувањето“, „Фатални стратегии“ и други дела. Умрел во март 2007 година. 1937.- Умрел италијанскиот електроинжинер и пронаоѓач Гуљермо Маркони, еден од пионерите на безжичната телеграфија, кој во 1909 година ја поделил Нобеловата награда за физика со германскиот физичар Карл Фердинанд Браун. 1938.- Родена е американската филмска актерка Наташа Гардин, позната како Натали Вуд, една од ретките која станала филмска ѕвезда како дете со филмот „Чудо на 34-та улица“ и успеала да оствари успешна филмска кариера. Таа играла во филмовите „Бунтовник без причина“, „Сјај во тревата“, „Трагачи“ и „Приказна за западната страна“. 1944.- Во „Волчја јама“ во Источна Прусија германскиот полковник фон Штауфенберг се обидел да изврши атентат врз Адолф Хитлер, но водачот на Третиот рајх во експлозијата бил само полесно ранет. Неуспешниот атентат главно го платиле мноштво луѓе, вклучувајќи и повеќе германски високи офицери, како фелдмаршалот Ервин Ромел кој бил принуден да изврши самоубиство. 1945.- Умрел Пол Валери, француски писател, еден од најголемите лиричари на Франција. Ја продолжил поезијата на симболистите, давајќи и нови тонови и построга форма. Најпознати дела му се поемите „Морнарски гробишта“ и „Младата Парка“, како и есеите „Вовед во методот на Леонардо да Винчи“ и „Танецот“. Роден бил на 30 октомври 1871 година. 1969.- Лунарното возило „Орел“ на американскиот вселенски брод „Аполо 11“, со астронаутите Нил Армстронг и Едвин Олдрин, се упатило на површината на Месечината, додека Мајкл Колинс го продолжил кружењето околу Месечевата орбита со матичниот брод „Аполо 11“. 1974.- Турската армија почнала инвазија на Кипар, под изговор за заштита на турската национална заедица на островот. По инвазијата на третина од овој остров била формирана самопрокламираната „Турска Република Северен Кипар“. 1976.- Американскиот вселенски брод без човечки екипаж „Викинг 1“ се спуштил после 11 месеци летање на Марс и почнал да испраќа на Земјата јасни снимки од оваа планета. 1982.- Во експлозијата која ја предизвикала Ирската републиканска армија во „Хајд паркот“ и „Риџентс парк“ во центарот на Лондон загинале 10 британски војници. 1988.- Јужна Африка, Ангола и Куба прифатиле Договор за повлекување на странските трупи од Ангола и признавање на независноста на Југозападна Африка. 1994.- Шефот на израелската дипломатија Шимон Перес пристигнал во посета на Јордан како највисок израелски функционер кој дотогаш ја посетил оваа соседна арапска земја. 1996.- Во Бурунди бунтовниците од племето Хуту го нападнале бегалскиот камп на ривалското племе Тутси, усмртувајќи околу 320 луѓе. 1997.- Умрела Лилјана Чаловска, македонска писателка. Автор е на книгите „Бдение за Виетнам“, „Антидневник“, „Пребир“ и други. Родена била во Софија, во 1920 година. 2006.- Умрел Жерар Ури, еден од најпопуларните француски режисери. Бил познат по урнебесните комедии, снимени во 60-ите и 70-ите години од 20. век, во кои играа легендарните француски комичари Бурвил и Луј де Фин. Неговата комедија „Големата аванатура“ ја виделе 17 милиони гледачи во Франција и повеќе од 30 години била најпопуларен филм во земјата, се до 1998 година кога приматот му го одзел филмот „Титаник“ на режисерот Џејмс Камерон. Снимил 17 филмови. Роден бил во Париз во 1919 година. ###

Остани поврзан